Министерството за финансии и Македонската банка за поддршка на развојот потпишаа договор со ЕИБ
Во Свечената сала во Владата на Република Македонија, денеска се потпиша договор помеѓу министерот за финансии, Драган Тевдовски, потпретседателот на Европската инвестициона банка, Ендрју МекДауел и директорот на Македонската банка за поддршка на развојот, Драган Мартиновски за обезбедување на финансиска поддршка преку нова кредитна линија од 100 милиони евра за финансирање на мали и средни претпријатија.
На потпишувањето на договорот претходеше средба на која Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев и потпретседателот на Европската инвестициона банка, Ендрју МекДауел ги потврдија заложбите за продлабочување на соработката во иднина. На оваа средба премиерот Заев потенцираше дека потпишувањето на овој договор значи силно охрабрување за нашата економија и домашните мали и средни претпријатија.
По потпишувањето на договорот во Свечената сала на Владата на Република Македонија, Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев имаше свое обраќање.
„Европската Унија и нејзините финансиски институции за поддршка на развојот на земјите кандидати за членство во ЕУ, ги препознаа позитивните сигнали од македонската економија и трендовите за одржлив развој. Најновото признание ни доаѓа како многу поволен кредит во висина од 100 милиони евра од Европската инвестициона банка наменет за реализација на нови проекти, нови вработувања, зголемена ликвидност и зголемен извоз за малите и средни претпријатија. Посебно поволен е фактот што откако заемите од оваа кредитна линија, ќе бидат вратени, повторно ќе се пласираат како кредити во стопанството.“ порача премиерот Заев.
Потпретседателот на Европската инвестициона банка, Ендрју МекДауел во своето обраќање порача дека поддршката од Европската инвестициона банка ќе расте со напредокот на земјата во ЕУ интеграциите и изрази силно уверување дека започнува период на продлабочување на соработката помеѓу ЕИБ и Република Македонија. Потпретседателот МекДауел рече дека овој договор е петтиот по ред од ваков тип потпишан помеѓу двете институции со што вкупниот износ на финансирање од ЕИБ достигнува 450 милиони евра.
Министерот за финансии, Драган Тевдовски во своето обраќање посочи дека малите и средни претпријатија се важен дел од македонското стопанство бидејќи тие претставуваат над 99% од вкупниот број на претпријатија во земјава и учествуваат во креирањето на бруто-домашниот производ со преку 55% и во креирањето на работни места со 75%.
Во таа насока, како што истакна министерот, Владата преку оваа кредитна линија, но и преку низа други мерки се залага да обезбеди пристап до капитал за овие претпријатија, за нови инвестиции и нови работни места.
„Ќе истакнам, дека кредитната линија од ЕИБ не е единствениот чекор на Владата за јакнењето на малите и средни претпријатија. Во овогодинешниот буџет се издвоени 1,1 милијарда денари за поддршка на инвестициите, како и рекордна сума од скоро милијарда денари за активни мерки за вработување. Тие во голем дел се однесуваат на микро, малите и средни бизниси.
Зголемувањето на ликвидноста на фирмите се одвива и преку навремениот и неселективен поврат на ДДВ. Само од почетокот на годинава извршен е поврат од 15,4 милијарди денари или 250 милиони евра. Врз основа на сето ова, би сакал да истакнам дека 100-те милиони евра од ЕИБ, се само дел од поголемиот план за поддршка на малите и средни претпријатија“ рече министерот за финансии, Драган Тевдовски.