Министерство за правда: Примарна цел на секој од нас е зашита на човековите права
Денеска, одбележуваме 70 години од најважниот настан, не само за Обединетите нации, туку за човештвото – 70 години од донесувањето на Универзалната декларација за човековите права.
По тој повод, министерката Дескоска се обрати на конференција организирана по повод чествувањето на овој ден „70 години Универзална декларација за човековите права: улогата на адвокатите во заштитата и унапредувањето на човековите права“, организирана од страна на Адвокатската комора на Република Македонија во партнерство со амбасадата на Соединетите Американски држави во Република Македонија.
“Многу денови се одбележуваат во светот, има многу денови кога се сеќаваме на славни битки, историски заседанија, историски постигнувања. Меѓу сите тие денови, за мене, Меѓународниот ден на човековите права е еден од најважните меѓународни денови“ – истакна министерката Дескоска.
Главната заслуга во создавањето на Универзалната декларација за човековите права, несомнено припаѓа на Елеонор Рузвелт, која како жена претседавач на Комисијата за Човекови Права на ООН, била главниот мотор во создавањето на оваа повелба.
Токму затоа, во нејзина чест, министерката Дескоска испрати порака до сите граѓани на Република Македонија, цитирајќи ја “првата дама на светот“: „Човековите права треба да ги бараме насекаде околу нас, во домот, во соседството, во училиштето, на работното место. Тие се местата каде треба да бараме еднаква правда, еднакви можности, почитување на достоинството без дискриминација. Ако човековите права не се почитуваат тука, во секојдневна средина во која живееме и работиме, тие го губат значењето. Ако не си ги обезбедиме правата во секојдневниот живот, залудно ќе бараме напредок во пошироката заедница, или ќе се бориме за прогрес во светот.“
-Примарна цел на секој од нас, на секој поединец, на секоја институција, група, организација, е и мора да биде практичната акција за обезбедување и заштита на човековите права во заедниците во кои живееме. Битката за човековите права е најсветата битка на секој од нас“, потенцираше министерката Дескоска.
Сите реформи кои во моментот се одвиваат во Министерството за правда, имаат клучна заедничка цел: подобра заштита на човековите права.
„Независноста на судството, претставува столб, гаранција на човековите права. Во таа насока се реформите на судството, измените на Законот за судовите и Законот за судскиот совет. Ги следиме препораките на Венецијанската и Европската комисија за зајакнување на квалитативните критериуми во оценувањето на судиите, како и основите за разрешување и утврдување на одговорност кај судиите или членовите на Судскиот совет. Независноста и непристрасноста на судството од сите, од политичките партии, од лоби групите, од бизнис интереси, од судскиот менаџмент, од другите институции е клучна за обезбедување на правдата и заштита на човековите права“ – потенцираше Дескоска.
Министерството за правда е партнер на судството во креирање европска правна рамка за независно судство. Но, според министерката Дескоска, во напорот за обезбедување на независноста на судството, клучна улога има Судскиот совет кој мора да биде свесен за својата улога во реформските процеси и треба да игра улога на заштитник на независноста, но и професионалноста на судството.
“Судскиот совет не смее да се однесува како орган кој ги штити лошите практики во судството кои беа критикувани во извештаите на Европската комисија и во извештајот на Прибе, а уште помалку да биде гнездо на незаконско однесување. За да спречиме такво однесување, во Законот за Судски совет се воведува механизам за одговорноста на членовите на Судскиот совет“- истакна Дескоска.
Во насока на заштитата на човековите права, е и менувањето на законската рамка за Јавното обвинителство, вклучувајќи го и Специјалното јавно обвинителство, кое покажа ефикасност во гонењето за прекршување на човековите права.
“Капацитетите кои се изградени во оваа институција треба да бидат искористени и за евентуална идна борба со корупцијата на „белите јаки“. Се надевам дека од пратениците ќе биде препознаено значењето на претварање на СЈО во траен орган чии капацитети ќе бидат искористени за борба со најголемото зло на човештвото – корупцијата“, потенцираше Дескоска.
Заштита на егстистенцијалните права и зачувување на човечкото достоинство е целта на измените на Законот за извршување и Законот за прекршоци. Во таа насока се и измените на Законот за бесплатна правна помош, со цел давање пристап до правдата и квалитетно правично и фер судење на што е можно поголем број на граѓани. Во владина постапка е и Законот за извршување на санкциите кој треба да обезбеди ефикасен систем на менаџирање на казнено-поправните установи и подобрување на статусот на вработените во нив.
“Цел на правдата секогаш се човековите права. Тие им даваат моќ на индивидуите и наметнуваат основни стандарди за вршење на државните активности. Власта е легитимна додека ги штити човековите права! И таа битка за заштита на човековите права не е битка само на власта, ниту на активистите, политичарите, партиите. Во таа битка мора да сме сите заедно, рамо до рамо. И таа битка мора да ја водиме сите првенствено во средините во кои живееме, а потоа и на глобално. За тоа не треба да сме ниту политичари, ниту активисти за права на жените, за права на ЛГБТ заедницата, за права на маргинализираните групи. Доволно е да бидеме луѓе кои се свесни дека човековите права се наше суштинско обележје и дека гарантирањето еднакви права на другиот не значи намалување на нашите права“- потенцираше Дескоска.