Министрите Филипче и Димитров на видео конференција со ЕУ амбасадорите во земјата
Министерот за здравство Доц. д-р. Венко Филипче и министерот за надворешни работи Никола Димитров денес присуствуваа на видео конференција со амбасадорите на земјите членки на ЕУ во Северна Македонија, предводена од амбасадорот на делегацијата на ЕУ во земјата, Самуел Жбогар.
На видео конференцијата беа разменети информации и мислења за состојбата со вирусот COVID-19 во земјата, како и за можностите за поефикасно сузбивање на кризата преку помошта од ЕУ, но и билатералната соработка со нејзините земји членки.
Од македонска страна беше презентирана состојбата со епидемијата кај нас, како и предизвиците со кои се’ уште се соочува нашиот здравствен систем. Министерот Филипче истакна:
„Согласно актуелната состојба со коронавирусот во земјата, засега успешно го менаџираме текот на епидемијата. Со линераен раст на ново-потврдени позтивни пациенти на Ковид-19, успеваме да го амортизираме здравствениот систем и да ги оптимизираме болничките капацитети и медицинскиот пероснал. Пикот на епидемијата го очекуваме кон крајот на април, почетокот на мај, мерките и препораките даваат резултат. Во услови кога целиот свет се соочува со кризата, поддршката која ја добиваме од ЕУ и членките е од исклучителна важност и доказ дека заедничкото делување и заемното помагање водат кон побрзо справување со оваа состојба“ – истакна Филипче.
Во тој контекст, министерот Димитров ја поздрави одлуката на Европската комисија да ја прифати иницијативата на министрите за надворешни работи од земјите од регионот за укинување на извозните рестрикции за Западниот Балкан за набавка на медицинска заштитна опрема од ЕУ. Се заблагодари за континуираната поддршка што земјата ја добива на повеќе нивоа, како од Унијата, така и од нејзините земји членки.
„Солидарноста на ЕУ како дел од нејзиниот координиран глобален одговор на кризата е од витално значење за нас и нашиот регион. Нашиот главен фокус е да ги заштитиме македонските граѓани, како во однос на нивното здравје, така и во поглед на социо-економските последици од пандемијата. Поддршката од „Тимот Европа“ има клучна улога при реализирањето на нашите цели. Благодарни сме што сме дел од тој тим, заеднички работејќи и при успешниот процес на репатријација на македонските, но и на граѓаните од ЕУ.“ –истакна Димитров.
Амбасадорите на земјите членки на ЕУ во Северна Македонија ја истакнаа посветеноста на македонските власти при справувањето со коронавирусот, поздравувајќи ја навремената координација и имплементација на мерките. Тие се заблогадарија за транспарентноста и кооперативноста на Владата при информирањето, репатријацијата, безбедноста на сите граѓани во земјата, вклучувајќи ги и странските државјани.