22/11/2024
Македонија

МИОА: Со мерките во планот за широкопојасен интернет до побрз интернет во Северна Македонија

Со цел подобрување на состојбите во користењето на бродбенд услугите како и брзините на истите, Владата го усвои Националниот оперативен бродбенд план – НОБП (2019-2029 година). Целта е да се достигнат брзините и користењето на бродбендот кои постојат во земјите во ЕУ.

Документот беше доставен на коментар до ЕУ и добиен е позитивен извештај за истиот.

Владата и Министерството за информатичко општество и администрација свесни за брзината на интернетот во Северна Македонија, како и за стандардите кои постојат во земјите во Европа, во Националниот оперативен бродбенд план предвиде голем број на мерки и активности усогласени со политиките и стратегиите на ЕУ за оваа област.

Па така, за првпат во историјата, имаме оперативен план со зацртани националните цели кои треба да се достигнат (до 2029 година):

  • До крајот на 2023 година, најмалку еден град да биде покриен со 5G сигнал.
  • До крајот на 2025 година, главните коридори во државата да бидат покриени со непрекинат 5G сигнал.
  • До крајот на 2027 година, сите градови во државата да бидат покриени со непрекинат 5G сигнал.
  • До крајот на 2029 година, секој да има можност за пристап до интернет преку 5G со минимална брзина на пристап до интернет од најмалку 100 Mbps.
  • До крајот на 2029 година најмалку 50% од вкупниот број на претплатнички договори на домаќинствата во цела држава, да бидат за пристап до интернет од најмалку 100 Mbps.

Свесни сме дека станува збор за многу високо поставени цели, но убедени сме дека располагаме со капацитети за да ги постигнеме истите.

Согласно извршеното мапирање во 2018 година на постојни комерцијални мрежи и идни планови на операторите, утврдено е дека голем процент од домаќинствата (околу 30%) живеат во т.н „бели зони“ или зони каде нема пристап до супер/ултра брз интернет (поголем од 100Мбпс), а нема ниту планови за инвестицииво вакви мрежи.

Овој дигитален или бродбенд јаз мора да се намали. Ова е едно од реалните причини и зошто нашата земја не котира високо во користење на бродбендот и во просечната брзина на истиот.

Затоа, согласно НОБП ќе се изгради Национална транспортна оптичка мрежа до овие “бели зони“ како и оптички мрежи внатре во самите “белите зони“ и истите ќе се дадат на користење на операторите за да им обезбедуваат услуги на граѓаните, но само под еден услов: малопродажната цена за пристап до супер брз интеренет за домаќинставата да не биде повисока од 2% од просечните месечни примања во тој плански регион.

Изградбата на оваа мрежа ќе се прави во соработка со Светската Банка и очекуваме од октомври да започне подготовката на Студијата за изводливост за истата, а потоа ќе започне и нејзината изградба.

На овој начин, но и со серија на други мерки предвидени во Националниот бродбенд план, ќе се зголеми брзината и користењето на интернетот во нашата земја, и веруваме дека со тоа ќе Северна Македонија, при следното мерење на телекомуникациските услуги, ќе биде позиционирана на подобро место, споредено со оваа година.