Мираковска: Се проширува опфатот на отпис на камати на долгови, се намалуваат и трошоците на постапката
Изјава за медиуми,
Соња Мираковска, пратеничка од парламентарното мнозинство предводено од СДСМ и коалицијата
Скопје, 19.10.2018
Почитувани претставници медиумите,
Почитувани граѓани,
Интересите на граѓаните се наша приоритетна цел и од заштитата на нивните интереси не отстапуваме.
На собраниска седница што започна вчера, заврши расправата по Законот за отпишување на камата на долгови, со кој на илјадници семејства во Македонија ќе им се овозможи отпишување на долговите кои ги мачат со години.
Очекуваме со поддршка на пратениците од сите пратенички групи овој закон да биде усвоен.
Со овој Закон излегуваме во пресрет на потребите на граѓаните кои од 2011 година се соочуваат со огромни долгови по основ на камати за предмети, за кои не биле свесни ниту дека постојат, кога извршните предмети од судовите се пренесени кај нотарите, а потоа тие завршија кај извршителите.
Покрај отписот на затезната односно казнената камата, која се однесува на главниот долг и на трошоците на постапката за комунални дејности, електрична, топлинска енергија, вода и смет, телефонија, мобилни и кабелски оператори, одржување на заеднички простории, наводнување и одводнување на земјоделско земјиште, во текот на собраниската процедура преку амандмани го проширивме опфатот и на каматите и за долговите за телевизија.
Се намалуваат и трошоците на постапката, кои не можат да бидат повисоки од 20 проценти од нивните предјавени и утврдени трошоци.
Право на отпис на камата ќе може да оствари секој граѓанин должник, кој ќе го плати главниот долг и трошоците на постапката во рок од 12 месеци откако доверителите ќе донесат одлука за отпишување на каматите за наплата на долговите. Ваква Одлука доверителите се должни да донесат во рок од 10 дена од стапувањето на сила на овој Закон.
Се намалува и надоместокот што должниците го плаќаат на извршителите, нотарите и адвокатите за овие предмети.
Законот што очекуваме на 24-ти да биде усвоен предвидува граѓаните кои имаат судско решение за извршување издадено заклучно со 1 јули 2011 да бараат отпис на каматите, доколку долгот го платат во рок од една година од носењето на Законот.
До ова решение дојдовме по повеќе месечна консултација помеѓу пратеничките групи во Собранието, Владата, како и најголемите доверители, кои на наше инсистирање искажаа подготвеност да излезат во пресрет на потребите на граѓаните, за што ние особено се залагавме.
https://www.youtube.com/watch?v=QgmzROpXm3c