22/11/2024
Македонија

Митрески: Концептот на едно општество за сите е на здрави основи и никој нема да успее да го сруши

Обраќање, Јован Митрески, координатор на пратеничката група на СДСМ и коалицијата, Собрание на Република Македонија, 

Почитувана јавност,

Очигледно дека некои работи мора да се повторуваат и денес ќе ги повториме и секогаш во иднина кога ќе биде потребно.

Концептот на оваа влада, концептот на ова парламентарно мнозинство предводено од СДСМ, е изградба на едно општество за сите.

Јазикот како еден од столбовите на тој концепт, јазикот како еден од столбовите на тоа општество служи за да се разбереме. Јазикот е придобивка на сите граѓани на Република Македонија.

За нас како пратеници од владејачкото мнозинство многу поважно е што ќе зборуваме, многу поважно е да носиме закони коишто се во интерес на сите граѓани на Република Македонија, и на Македонците, Албанците, Турците, Ромите и на сите останати, отколку на кој јазик некој пратеник тоа ќе го направи.

Сите граѓани во Република Македонија, граѓаните коишто живеат во нашата држава се различни по многу основи, но сите имаат иста желба.

Ние како владејачкото мнозинство имаме иста цел иако сме различни по многу основи, а тоа е подобар живот за сите граѓани.

Јас сакам на крајот да порачам, концептот едно општество е на здрави нозе затоа што тоа го сакаат сите граѓани.

Концептот едно општество е на здрави нозе и никој тоа во иднина не може да го сруши.