МКФ: Клубовите кои ќе се натпреваруваат во Првата лига да ги исполнат обврските за котизација
Македонската кошаркарска федерација испрати известување до сите клубови кои идната сезона (2018/2019) ќе се натпреваруваат во машката сениорска конкуренција (Прва лига мажи) за обврските кои треба да ги исполнат во врска со котизацијата за учество (исплата на прва рата или гаранција), плаќање на заостанати долгови како и услови за спортските сали кои се пријавени од страна на клубовите за натпреварите на домашен терен.
На клубовите им е даден рок од два месеца за санирање на потребните услови на салите како и 30 дена за поднесување на гаранција за учество во лигата или исплата на истото.
Доколку не се исполнат условите и некој клуб не обезбеди гаранција за спортската сала (со предлог алтернативна сала до конечна санација на првично пријавената) автоматски клубот се откажува од правото за учество во ПЛМ и неговото место ќе биде заземено од клуб кој е предвидено да се натпреварува во втората лига по ранг – Втора Лига мажи.
Роковите се дадени, со цел до 7. август федерацијата да има јасна слика за тоа кои клубови планираат да учествуваат во ПЛМ како и да им се даде евентуална шанса на клубовите од ВЛМ, а воедно и да се одлучува по прашањето за зголемувањето на ВЛМ односно намалување на бројот на учесници во ПЛМ.
Се надеваме дека клубовите ќе го испочитуваат даденото време и роковите се со цел да првенството започне во предвидените рокови (прва третина од месец октомври) и тоа да може да започне без никакви одложување или прекинувања на истото.
Воедно, клубовите беа известени дека доколку дојде до исполнување на измената во Законот за добивка (ваучери за спорт), Македонската кошаркарската федерација ќе обезбеди генерален спонзор на лигата кој ќе покрие минимум 50% од сумата на котизацијата како што е случајот со дел од младинските лиги и женската сениорска лига (ПЛЖ).