22/11/2024
Охрид

Младинската заедница од охридската Гимназија е прогласена за една од трите најгласни во земјава

Младинската заедница од ОСУ „Св. Климент Охридски“ од Охрид е прогласена за една од трите најгласни во земјава и доби грант од 10 000 денари за спроведување на нивната иницијатива – културата меѓу младите.

Од 29 до 31 март во Велес, Наталија Танеска, Димитар Назифовски и Љубица Јованоска од Младинската заедница, под менторство на педагогот Кристина Танеска, беа дел од натпреварот „НајГЛАСНИ!“ организиран од Фондација Конрад Аденауер и LEAD (Лидери за едукација, активизам и развој). Во конкуренција од уште шест Младински заедници од Радовиш, Скопје, Прилеп, Велес и Крива Паланка, тимот од Охрид ја претстави работата на својата заедница и иницијативата за одржување на манифестацијата „МАНИКУЛТ“ планирана за мај, годинава.

„Се чувствувам исполнето и задоволно како ментор на исклучително амбициозни, активни, талентирани и мотивирани ученици со цел да направат некоја позитивна промена која ќе придонесе за доброто на сите во нашето училиште. Желбата и мотивот кај учениците да се активира младинската заедница беше резултат на затвореноста и изолираноста на учениците во време на Ковид пандемијата и онлајн учењето со што беше оневозможено нивното меѓусебно дружење. Воедно, од големо значење за нивниот социјален и интелектуален развој се активностите и настаните од културно-забавен и едукативен карактер, кои за жал како воннаставни активности, многу ретко се одржуваа. Поради оваа причина, сегашната генерација на средношколци, пројави интерес кај голем број иницијативи со кои овозможивме вклучување на младите во одредени активности од различен карактер“, вели Кристина Танеска, педагог во охридската гимназија.

Младинската заедница во гимназијата беше обновена пред околу четири месеци како желба на најголем дел од средношколците за проактивност и можност да си ги покажат своите способности надвор од училишните клупи.

Претставниците на тридневниот настан, кои го посетија и Собранието на Република Северна Македонија, се здобија со многу нови искуства кои ќе им помогнат да ја развијат младинската иницијативност во училиштето. Димитар Назифовски, претседател на Младинската заедница, вели:

„Во ова невреме во кое монотоното образование преовладува, овој настан ни претставуваше едно многу корисно и одлично искуство реализирано во различна насока од самата формална едукација. Споделувањето на практики, начинот на функционирање и самите активности кои другите младински ги имаат ни овозможија да размислуваме во повеќе правци, да ги прошириме нашите видици и да ја зголемиме амбициозноста за нешто повеќе.“

Слично размислува и ученичката Наталија Танеска, која беше дел од тимот:

 „Овој настан ми беше позитивно искуство, овозможи да имам посебна перспектива кон ваквите настани како и за тоа како е да се прави нешто ново и предизвикувачко. Не само што ми овозможи да се надоградам себеси, туку и да стекнам нови познанства, да слушнам различни мислења и конструктивни критики.“

Натпреварот заврши и во рамките на календарот на активности е вметната и наградената инцијатива.

„Од самиот почеток па до денес, раководството на Младинската заедница вешто се обидува да ги лоцира проблемите и недостатоците кај средношколците. Надвор од забавата и неформалната едукација, она што навистина не’ засега е недостатокот на културниот дух кај младите. Токму поради тоа, добиениот паричен фонд ќе го искористиме за одржување на нашиот еднодневен настан „Маникулт” преку кој Охрид ќе слушне за квалитетите на гимназијалците и уште еднаш ќе се докаже дека нашите средношколци умеат да иницираат, креираат и организираат. Вклучувањата во проекти налик на овој и очекуваната поддршката од младите активисти и возрасни од Охрид, ќе се мотив плус да продолжиме со остварување на нашите цел“, објаснува Љубица Јованоска, координатор на делот за промоција во наградениот тим.


WebOhrid / 02.04.2022 / ОСУ „Св.Климент Охридски“