23/11/2024
Охрид

Младиот јапонски пијанист Томохиро Адачи ја воодушеви публиката во „Света Софија“

Впечатлив настап имаше младиот јапонски пијанист Томохиро Адачи кој одржа концерт синоќа во црквата „Света Софија“ во Охрид, во организација на Националната установа „Охридско лето“.

Адачи покажа маестрална изведба на внимателно избраниот репертоар, и со неверојатна леснотија и префинета техника ја воодушеви публиката која го награди со бурни овации и бисеви.

-Се чувствувам феноменално и сум многу среќен по завршувањето на овој концерт. Црквата е прекрасна, а исто така и акустиката е одлична. Пијаното што го поседува фестивалот „Охридско лето“ на кое што свирев беше совршено, изјави пијанистот Адачи.

На концертната програма се најдоа дела од различни композитори.

-Отсвирив хрватски композиии на Дора Пејачевиќ. Сакав да го ставам овој исклучително добар композитор на синоќешниот репертоар. На публиката ѝ доловив и дела од јапонски композитори, свирев композиии на Франц Лист, на Фредерик Шопен, на Рихард Вагнер, на Астор Пјацола, а ја пренесов и познатата „За Елиза“ од Лудвиг ван Бетовен, додаде Томохиро Адачи.

Хрватската музика, како што вели пијанистот,има посебно место на неговиот репертоар бидејќи музичката академија ја завршил во Хрватска.

-Кога завршив средно училиште во Јапонија, веднаш се запишав на Академијата за музичка уметност во Загреб.Тогаш првпат се сретнав со делата на хрватските композитори бидејќи во Јапонија не ги изучувавме. Тоа беше предизвик за мене, нешто ново и инспиративно. Хрватските композитори создаваат прекрасна музика, и тоа ме привлече уште повеќе да се занимавам со нив и нивните композиии, вели Адачи.

Овој млад пијанист го основа и јапонско-хрватското музичко друштво во Токио преку кое организира многу концерти на врвни музичари, секогаш со една цел, воведување на хрватските мелодии и култура во Јапонија.

И самиот тој, на своите настапи изведува мелодии на хрватските композитори Дора Пејачевиќ, Божидар Кунц, Борис Папандопуло, Иво Јосиповиќ, Франко Параќ и други. Иако млад, позади овој исклучително добар уметник стои богата интернационална кариера во Источна Азија, Европа и Австралија и многу награди за неговата маестрална пијанистичка активност.

За добрата атмосфера на вчерашниот концерт во црквата „Света Софија“, придонесе и јапонската пијанистка Јоко Намазаки која на крајот изведе три композии заедно со Томохиро Адачи.