23/11/2024
Македонија

ММДЧП го осудува усвојувањето на неуставниот Закон за јазици и бара реакција од претседателот Иванов

Македонското меѓународно движење за човекови права го осудува изгласувањето на Законот за јазиците во македонското Собрание од 11 јануари, 2018 година. Овој закон е не само неуставен, затоа што му доделува официјален статус на албанскиот јазик без потребното двотретинско мнозинство во Собранието, туку тој и сериозно ги дискриминира оние коишто го говорат досега единствениот официјален јазик, македонскиот, и оние од другите малцински јазици, како што се турскиот, ароманскиот, српскиот и ромскиот. И згора над се’, тој содржи и казнени одредби кои предвидуваат огромни казни за официјалните и други лица кои би го прекршиле. Слични казнени одредби не се содржат во Законот за употреба на македонскиот јазик. Овој закон не е создаден за да ги одбрани правата на Албанците во Македонија, како што лажно тврдат неговите поддржувачи, туку за да се унапреди една федералистичка, сепаратистичка и екстремно националистичка агенда, чија цел е да ја редефинира, а потоа и да ја подели Македонија.

ММДЧП ја осудува Тиранската платформа која го создаде Законот за јазиците, и нејзиното прифаќање од страна на бескичмените македонски политичари, со оглед на тоа што овој закон е производ на преговори во главен град на странска држава – Тирана, Албанија – и со оглед на тоа дека тој сака да ја промовира идејата дека Македонија треба да биде бинационална, двојазична, федерална држава во која етничкото албанско малцинство, кое не надминува околу 12-15% од популацијата, се претставува како конститутивен народ. Усвојувањето на ваква платформа има сериозни импликации за опстанокот на македонската држава, бидејќи Тиранската платформа експлицитно повикува на денационализација на Македонија и на промена на нашето име, идентитет, знаме, химна и грб.

Гласањето на владејачката партија, Социјалдемократскиот Сојуз на Македонија (СДСМ) за овој Закон во Собранието не е ништо друго освен бесрамна капитулација во борба за власт која ќе го дообезличи македонскиот идентитет и култура, не само во Република Македонија, туку и низ Балканот, каде на македонското малцинство му се ускратени дури и најосновните човекови права.

Во средбите со Стејт Департментот на САД, Глоубал Афеарс Канада и други, ММДЧП прашува дали истото промовирање на „двојазичност“ ќе се примени за македонското малцинство во Грција и турското малцинство во Бугарија, на сметка на грчкиот и бугарскиот карактер на тие две нации.

Прифаќањето на Тиранската платформа, под превезот на „човекови права“, од страна на западните поддржувачи на албанските екстремисти е навреда на се’ она што тврдат дека го застапуваат САД, Европската Унија и Обединетите Нации. Демократијата и владењето на правото се прегазени само за да му се дозволат на малото албанско малцинство „натчовечки права“ за сметка не само на мнозинското население, туку и на секое не-албанско малцинство во земјата. Бришењето на себе-определбата на мнозинското македонско население – ни помалку ни повеќе, туку во Република Македонија – само ја илустрира анти-македонската пристрасност на Западот, и најпосле ќе доведе до уништување на цела една земја.

ММДЧП бара членствата на сите македонски политички партии одлучно да се спротистават на усвојувањето на овој закон со сите демократски и правни средства. Го повикуваме претседателот Ѓорге Иванов да го употреби своето право на вето и да не го потпише овој закон заради неговата очигледно неинституционална природа. Го повикуваме македонскиот народ и сите македонски граѓани кои припаѓаат на помалите етнички групи, како што се Турците, Ромите, Србите, Власите и Бошњаците, на мирен начин да ги применат сите правни средства што им се на располагање за да го спречат прогласувањето на албанскиот за втор официјален јазик. И го повикуваме македонскиот народ да го употреби своето право на слободно изразување и да се соедини во одбрана на Македонија, да се собере масовно и да протестира против овој предавнички, неуставен и антимакедонски закон и да побара политичарите да застанат во одбрана на нашата земја, и нашите најосновни човекови права.

Соодветно на ова, еден политичар кој застанал во одбрана на својата земја, Министерот за трговија на Канада, Франсоа-Филип Шампањ, денес во врска со односите на Канада со САД рече: „Кога луѓето ќе видат дека имате став, ве почитуваат.“ Ова е истата порака што ММДЧП им ја повторува на македонските политичари уште од независноста во 1991. Барајте почит за Македонија и за нашиот македонски идентитет, и светот ќе ни помогне. Придружете се во кампањата на ММДЧП, „Нашето име е Македонија“ и прекинете ги расистичките, деградирачки, антимакедонски преговори за името, кои се клучното прашање кое влијае на сите аспекти од животот во Македонија и кое доведе до Законот за јазиците – и светот ќе не’ поддржи. Искористете ги Македонците кои живеат надвор од Македонија, кои одлучно ја бранат Македонија и кои знаат како размислува Западот. Бранете се себеси, па ќе ве брани и светот.

Македонското меѓународно движење за човекови права (ММДЧП)