22/11/2024
Македонија

Могерини и Заев домаќини на неформална вечера со премиерите од Западен Балкан

Покрај премиерот Заев и високата претставничка на ЕУ Могерини, на вечерата присуствуваа и лидерите Еди Рама, Ана Брнабиќ, Рамуш Харадинај, Душко Марковиќ и Денис Звиздиќ.

Учесниците на вечерата разговараа за состојбата во регионот, како и за процесите на интеграција на Западен Балкан во Европската Унија.

Премиерите уште еднаш ја потврдија својата искрена заложба за целосна имплементација на реформите во нивните земји, со цел да го забрзаат процесот на зачленување во Европското семејство.

Од своја страна, високата претставничка на Европската Унија, Федерика Могерини ја истакна потребата сите земји од регионот на Западен Балкан да ги забрзаат суштествените реформи со што ќе ги исполнат очекувањата на своите граѓани. А, со тоа промените ќе станат видливи и за Европската Унија.

Премиерите од Западен Балкан исто така ја истакнаа и нивната силна определба и интерес за продлабочување на соработката и добрососедските односи, како и за промовирање на регионална соработка.

На денешната неформална вечера, сите се согласија дека 2018 е историска година за регионот и дека на земјите од Западен Балкан им се отвора голема можност да направат крупни чекори кон ЕУ интеграцијата, особено ако им се даде најголем приоритет на суштинските, неопходни реформи, односно владеењето на правото, правдата и почитување на основните човекови права.