МОК издаде нова едукативна книга „Менаџмент на олимписки спортски организации“
Во рамките на Обуката за напреден спортски менаџмент на Македонскиот олимписки комитет, МОК за членовите/кандидатите кои ја посетуваат оваа обука, ја издаде книгата “МЕНАЏМЕНТ НА ОЛИМПИСКИ СПОРТСКИ ОРГАНИЗАЦИИ“ која е основна литература и која треба да помогне за поефикасен спортски менаџмент со Олимписките спортски организации во кои спаѓаат: спортските клубови, Националните спортски федерации, Националниот олимписки комитет, Меѓународните спортски федерации и Меѓународниот олимписки комитет.
Книгата “МЕНАЏМЕНТ НА ОЛИМПИСКИ СПОРТСКИ ОРГАНИЗАЦИИ“ служи како камен-темелник за „Обуката за Напреден спортски менаџмент“, програма за едукација на спортската администрација на Меѓународниот олимписки комитет, а во Република Македонија оваа програма е спроведена од страна на Македонскиот олимписки комитет. Оваа програма ги поврзува луѓето кои работат во Олимписките спортски организации со цел да се создаде заедница за учење во корист на олимпискиот спорт, не само во Република Македонија, туку и во целиот свет.
Книгата е развиена од и за олимписките спортски организации ширум светот и се осврнува на основните принципи на спортскиот менаџмент кои можат да се применат на било кој тип на организација која работи во рамките на олимпискиот спорт, без оглед на нејзината големина, искуство или историја и ги опфаќа следните области:
- Организација – Како организациската околина, внатрешната структура и работењето влијаат врз носењето на одлуки?
- Стратегија – Како може да се подготви, имплементира и оцени стратешки план?
- Човечки ресурси – Колкава е важноста за развој на стратегијата за човечки ресурси со цел најдобро да се регрутираат, мотивираат и обучат волонтерите и вработените?
- Финансии – Кои чекори треба да се превземат за спроведување на соодветни и транспарентни финансиски процедури?
- Маркетинг – Како може да се развие маркетинг план кој ја надополнува севкупната стратегија на организацијата, барањата на засегнатите страни и можностите за спонзорство?
- Спортски настани – Што се треба да се земе во предвид кога се носи одлука дали да се организира спортски настан и какви чекори ќе бидат потребни да се превземат за организирање на ваков настан?
За да им помогне на кандидатите на оваа Обука да ги разберат и применат концептите, оваа книга ги идентификува клучните концепти во секоја област и дава примери од реалниот свет, вклучувајќи 30 практични сценарија и шест студии на случај кои покажуваат како Олимписките спортски организации се занимаваат со опфатените прашања.