МОН: Стандарди и алатки за правилна исхрана во основните училишта
Министерството за образование и наука (МОН) информира дека во рамки на проектот за подобрување на исхраната на децата во предучилишните установи и основните училишта кој се реализира во соработка и со поддршка на УНИЦЕФ, унапредена е содржината на Правилникот за стандардите за исхраната и за оброците во основните училишта.
Од страна на МОН изготвено е Упатство за негова правилна примена, а дополнително е креирана и електронска алатка која овозможува проверка на квалитетот на оброците наменети за најмладите.
„Наведените прописи и е-алатката се наменети за раководствата и одговорните лица во основните училишта, во насока на соодветно планирање на исхраната која има особено големо значење за правилниот психофизички раст и развој на децата“, информираат од Министерството за образование и наука.
„Апелираме да се почитуваат и правилно да се применуваат прописите кои ги утврдуваат референтните вредности за енергетски и нутритивен внес, даваат препораки за видовите намирници и јадења, за начините на подготовка, препораки за број и распоред на оброци и препораки за храна која треба да се избегнува или поретко да се конзумира, бидејќи тоа е единствениот начин да се превенира појавата на потхранетост, дефицит на микронутриенти, угоеност и други хронични заболувања поврзани со исхраната на децата“, соопштува министерството.
Со оглед на фактот што континуирано и значително се подигнува општествената свест за важноста на правилната исхрана и конзумирањето на здрава храна, од МОН веруваат дека органите за контрола на примената на правото во пракса, во рамки на редовните надзори и контроли „ќе имаат прилика да изготвуваат исклучиво позитивни извештаи, во кои ќе нема или пак, констатираните предизвици ќе бидат минимални“.
Достапни се на следниот линк.