МОН: Светска банка со поддршка на реформата за поквалитетно образование во РСМ
Светска банка ќе продолжи да ги поддржува напорите на Владата и на Министерството за образование и наука за унапредување на квалитетот и конкурентноста на националниот образовен систем во Република Северна Македонија. Ова е заклучокот од денешниот состанок на министерката за образование и наука Мила Царовска и Масимилијано Паолучи, директор на канцеларијата на Светска банка во Северна Македонија и Косово, на кој фокусот беше ставен на тековните реформи во основното и средното образование, а воедно се разговараше и за отпочнување на реализација на нов “Проект за човечки капитал“.
За време на состанокот министерката Царовска ја потенцираше досегашната успешна соработка меѓу Република Северна Македонија и Светска банка, изразувајќи благодарност за најавите дека поддршката ќе се интензивира особено во периодот што следи, токму за промените кои треба да се случат во националниот образовен систем во делот на основното образование.
„Со поддршка на нашите партнери, убедена сум дека Концепцијата за основното образование, ќе биде движечки фактор во реформирањето на сите сегменти на образовниот систем во нашата земја. Добро испланирани и координирани реформи во полето на образованието, ќе придонесат за развој не само на единката, туку и на целокупното општество“, рече Царовска, напоменувајќи дека еден од главните приоритети е и инвестицијата во кадарот и инфраструктурата на воспитно-образовниот систем.
Директорот на канцеларијата на Светска банка за Северна Македонија и Косово, Паолучи ја потврди поддршката за предложените реформи во основното образование, за кои напомена дека се во целосна согласност со препораките на Светска банка. Според Банката, инвестирањето во основното образование е докажано дека дава поголеми резултати споредено со подоцнежните степени на образование и обука и има одлучувачки придонес во развојот на човечкиот потенцијал.
На средбата стана збор и за имплементацијата на новиот „Проект за човечки капитал“ кон кој се приклучува и РСМ, а истиот претставува глобален одговор на групацијата Светска Банка за мобилизација за земјите и партнерите, насочен кон унапредување на условите за живот на луѓето, зголемување на инклузивниот економски раст на секоја земја и борба против сиромаштијата.