23/11/2024
Македонија

МОН: За прв пат објавен конкурс за стипендии за докторски студии во државата

Од академската 2021-2022 година Министерството за образование и наука за првпат воведува стипендии за докторски студии во државата, со што се излегува во пресрет на потребите и барањата за економско олеснување на оние кои одлучуваат да продолжат на трет циклус на студии на домашните високообразовни установи. Конкурсот е веќе објавен и може да се погледне на следниот линк.

Согласно направената измена на програмата за научно – истражувачка дејност на МОН, воведени се 15 стипендии за студии од трет циклус во земјата од научно подрачје природно –  математички науки (поле биологија, физика, гео-физика, геологија и минералогија, хемија, биохемија, математика и информатика) и технички технолошки науки (електротехника, електро-машинство, електроника и автоматика, енергетика, геодезија, градежништво и водостопанство,  хемиско инженерство, хемиска технологија, компјутерска техника и информатика, машинство, материјали, металургија, применета геологија и геофизика, рударство, технологија на прехранбени производи, текстилна технологија и телекомуникациско инженерство), со месечна стипендија од 18.000 денари за дванаесет месеци во годината. 

МОН ги охрабрува заинтересираните кандидати да ги разгледаат условите и да аплицираат доколку истите ги исполнуваат. Постапката за аплицирање е дигитализирана преку порталот http://e-uslugi.mon.gov.mk, со што значително се поедноставува начинот на остварување на правото.  Кандидатите кои немаат можност да аплицираат електронски, пополнуваат хартиена пријава и ја доставуваат потребната документација по соодветниот конкурс во Министерството за образование и наука. 

Поддршка при аплицирањето обезбедува Секторот за наука и иновации. Личните контакти на сите вработени, вклучително и на вработените во овој сектор се наведени на следниот линк.  

Инаку, оваа година МОН значително ја менува политиката на стипендирање на ученици и студенти, воведувајќи неколку нови категории на стипендии, а воедно зголемени се и месечните износи на дел од постојните кои досега се доделуваа, со цел да бидат опфатени повеќе млади лица, но и вистински да ја почувствуваат поддршката која ја обезбедува државата за олеснување на процесот на образование.