МОН: Законот за учебници гарантира еднаков пристап до материјалите за учење
Министерството за образование и наука реагира на прес конференцијата на групата родители кои информираат дека покренуваат иницијатива за повикување на учениците да ја бојкотираат наставата која ја организираат училиштата. Оваа одлука и постапка ќе значи директна штета по однос на воспитно – образовниот процес на младите и тоа не треба да го дозволат.
Како надлежна институција за креирање на политиките во областа на образованието и науката и најотповикана за промените кои треба да се случат, Министерството за образование и наука веќе се произнесе дека неоправдано е да се бојкотира за нешто што ќе донесе подобар квалитет на образованието и голем број придобивки кои младите од другите поразвиени земји веќе ги чувствуваат, затоа што процесот на дигитализација на глобално ниво е веќе одамна почнат.
Новото законско решение, односно новиот концепт за употреба на материјали за учење во основното и средното образование е најавен заедно со целокупната реформа на националниот образовен систем во делот на основното и средното образование, која пак, е дел од програмата за работа на Владата и од Стратегијата за образование 2018-2025 и за истата се водеше сеопфатна двомесечна дебата.
Дополнително, во јавноста беше презентирана и анализата на јавното мислење на наставниците и учениците спроведена од Институтот за економски истражувања и политики „Фајнанстинк“, според која 75% од учесниците сметаат дека учебниците и наставните материјали се најприоритетна сфера на реформирање.
Предлог Законот за учебници беше објавен на владиниот ЕНЕР систем и сите предлози и сугестии од експертската јавност се интегрирани во неговата содржина, која е усогласена со сите последно усвоени документи од страна на Европската комисија, а кои се однесуваат на давање приоритетност на процесот на дигитализација на образованието.
Со новото законско решение кое предвидува комбиниран модел на примена на учебници и други наставни и дидактички материјали, ниеден ученик нема да биде исклучен од наставата. Учениците од прво до трето одделение ќе добиваат печатени учебници, додека за учениците од четврто и погорните одделенија приоритетна опција се дигиталните учебници и условите за употреба на истите ќе му бидат овозможени секому.
Односно законски е обезбеден пристап до учебниците кои ученикот треба да ги користи. Па така, за учениците кои се од социјално загрозени семејства и немаат уреди за учење од дигиталните учебници, како и за учениците кои поради попреченост имаат потреба од уреди и/или помошна технологија, училиштето е должно да обезбеди услови за секој ученик да има пристап до употреба на учебник. За прв пат, се обезбедуваат и учебници во аудио формат, а воедно се печатат и учебници на Брајово писмо.
Апелираме до граѓаните кои се дел од оваа иницијатива, да не ги вовлекуваат учениците во нешто што ќе им наштети на училиште и ќе им создаде празнини во знаењето. Тоа не вистинската вредност и цел за која треба да се бориме. Вистинската цел е создавање на млади и современи генерации кои ќе бидат добро едуцирани и подготвени за светот кој ги очекува по 10-20 години, а во кој дигитализацијата ќе биде застапена во сите сегменти и сфери.