МЗШВ на терен во увид на штетите од вчерашното невреме
Претставници од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство заедно со локалните власти, денеска по вчерашното невреме во овчеполскиот регион, излегоа на терен, во увид на штетите врз земјоделските посеви.
Според првичините проценки во регионите на општините Лозово и Свети Николе, од невремето е предизвикана штета на површина од околу 5.000 хектари.
Претставниците од МЗШВ реализираа средби со градоначалниците на овие општини. Бидејќи освен штети врз земјоделските посеви, невремето предизвика и материјални штети, локалните власти денеска организираа итни состаноци на Советите и денеска формираат Комисии за проценка на штетите, кои ќе извршат проценка на предизвиканите штети од невремето проследено со силен дожд, град и ветер.
Засега е утврдено дека има штета на земјоделските површини како лозови насади, површини со житни култури и зеленчук, но и материјална штета на објекти и приватни имоти. Селото Црниште од вчера е без струја и вода.