МТСП Царовска на Форум за родова еднаквост во Стокхолм
Министерката за труд и социјална политика учествува на Форумот за родова еднаквост во Стокхолм, чиј домаќин е шведската министерка за надворешни работи Маргот Валстром.
Тркалезната маса на која се обрати министерката Царовска е посветена на мултидимензионалната родова перспектива на социјалниот дијалог и развојот на социјалниот дијалог како инструмент за родова еднаквост. Во своето обраќање таа истакна: „Трипартитниот социјален дијалог е есенцијална алатка за унапредување на родовата еднаквост во светот на работата. Родовата еднаквост е во суштината на пристојната работа и истата треба да се промовира паралелно со промовирањето на социјалниот дијалог. Оттука, застапувањето, односно претставеноста на жените треба да се промовира на сите нивоа низ институциите на социјалниот дијалог. Родовата еднаквост е една од фундаменталните вредности на глобалното партнерство имајќи во предвид дека е составен дел од инклузивниот раст во полето на пристојната работа“.
Царовска нагласи дека токму затоа Република Македонија во декември минатата година пристапи кон „Global Deal“- глобално партнерство за пристојна работа и инклузивен развој, како единствен партнер од овој регион. Исто така, во програмата за работа на Владата на Република Македонија е предвидено вклучување на родовата перспектива во колективното договарање на сите нивоа, заради дополнително унапредување и заштита на жените работнички.
На Форумот во Стокхолм, кој се одржува од 15 до 17 април, присуствуваат министри, високи претставници на агенциите на ООН, граѓански организации и синдикати. Во насока на постигување на целта за родово еднаков свет, на форумот се става акцент на социјалниот дијалог како значајна алатка за промовирање на родовата еднаквост на работното место. Учеството на жените во институциите кои го водат социјалниот дијалог е само 15% на глобално ниво (МОТ). Дури и во индустриите кае што работната сила е сочинета првенствено од жени, тие најчесто се претставувани од мажи. Ова се однесува и на земјите во развој и на развиените земји. Притоа, покрај зголемувањето на репрезентативноста на жените, особено важно е дали се отвораат и решаваат релевантни прашања како што е еднаквата плата, социјалната заштита, родителското отсуство, сексуалното вознемирување итн.