22/11/2024
Македонија

МТСП: До крајот на годината 60% од децата извадени од институциите

На Меѓународниот ден на човекови права, Министерството за труд и социјална политика известува дека амбициозниот план- ниту едно дете под 18 години во Македонија да не биде сместено во социјална установа до 2020 година, чекор по чекор станува реалност.

На крајот на 2018 година во нашите социјални установи ќе бидат сместени за 60% помалку деца одошто во август 2017 година.

„Секое дете заслужува семејство и затоа го менуваме начинот на кој како држава се грижиме за децата кои имаат потреба од долгорочна социјална грижа; со ова на секое дете му овозможуваме услови за правилен раст и развој, што е основно човеково право,“ истакна министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска.

МТСП изразува благодарност до УНИЦЕФ, ЕУ и УНДП чија поддршка е од голема помош и значење за процесот на деинституционализација.

„Правото на семејство е едно од најважните човекови права затоа што семејството за детето претставува примарен извор на сигурност, идентитет и припаѓање,“ рече Бенџамин Перкс, претставник на УНИЦЕФ. „Напредокот што се постигна за да се стави крај на сместување деца во институции за малку повеќе од една година зборува за заложбата на земјата во остварување на своите европски и меѓународни обврски во однос на правата на децата“, додаде тој.

Од повторното интензивирање на деинституционализацијата во август 2017 година, вкупно 161 дете претходно сместени во социјалните институции се згрижуваат надвор од установите. Во Специјалниот завод Демир Капија веќе нема ниту едно дете под 18 години, а децата сместени во Јавната установа за згрижување деца со воспитно-социјални проблеми и нарушено поведение „25 Мај“ се згрижени во пет мали групни домови во Скопје.

До крајот на првото училишно полугодие, сите 30 деца моментално сместени во Домот за деца без родители и родителска грижа „11 Октомври“, исто така, засекогаш ќе ја напуштат установата и ќе живеат во мали групни домови во Скопје и во Штип или во згрижувачки семејства во Скопје.

За сите институции е воведен административен мораториум на приемот на нови корисници, со исклучок на Домот за доенчиња и мали деца Битола којшто обезбедува згрижување на новороденчиња.