МТСП: Обезбедуваме поддршка за раст на платите
Министерството за труд и социјална политика ја засилува поддршката за работниците да добијат повисока минимална плата, но истовремено ги штити и нивните работнички права. Со предложените измени и дополнувања на Законот за минимална плата што вчера ги изгласаа пратениците, фирмите коишто на вработените ќе им ја покачат минималната плата ќе добиваат државна помош.
Финансиската поддршка по работник изнесува 30 отсто од разликата помеѓу бруто платата на работникот во тековниот месец и просечната бруто плата на работникот исплатена во месеците октомври, ноември и декември лани. Оваа поддршка може да изнесува, најмногу до 1.200 денари месечно по работник.
Истовремено, мерката е одговор на барањето на работодавците за адресираниот проблем со т.н. уравниловка, а тоа е потребата да растат преостанатите плати блиски со минималната плата, за да не ги изгубат или демотивираат попродуктивните работници. Преку финансиската поддршка ќе се поттикне спиралата за покачување на платите во трудоинтензивните сектори што позитивно ќе влијае на растот на продуктивноста на компаниите и на растот на животниот стандард на работниците. Средствата за исплата на финансиската поддршка се обезбедуваат од Буџетот на Република Македонија. Финансиската поддршка ќе се исплаќа за периодот од јули годинава, до декември 2019 година.