22/11/2024
Македонија

МТСП: Вложуваме во младите, создаваме услови за напредок и развој на вештини

На денешниот Светски ден на вештините на младите МТСП ги потврдува заложбите за подобрување на условите за професионален развој на младите и намалување на младинската невработеност во државата.

Овозможување поволни услови за надоградба, развој и вработување на младите е еден од приоритети во новиот Оперативен план за вработување, за кој оваа година се издвоени рекордни 1,1 милијарда денари. Ова е највисок износ досега, три пати повисок во споредба со 2014 година. Посебен акцент е ставен токму на младите невработени лица до 29 години, како и на корисниците на гарантирана минимална помош.

Во рамки на програмата за самовработување, нудиме од 5 до 10 илјади евра неповратна финансиска помош за отворање сопствен бизнис, а младите се една од приоритетните групи. За отворање нови работни места, имаме се предвидени 558 милиони денари, што значи опфат од 1.782 невработени лица.

Поатаму, предвидени се 43 милиони денари за обуки за ИТ и дигитални вештини, со што ќе бидат опфатени 1.323 невработени лица. Ова е неколкукратно зголемување во однос на лани, кога беа издвоени 9.3 милиони денари. Уште една новина во ОП 2019 година е поддршката за обуки во самите фирми. Целта на овие обуки е младите невработени лица да развијат компетенции и вештини и да се вработат на специфични работни места во компаниите во кои ќе ги посетуваат обуките.

Минатата година имаше голем интерес за мерката Практиканство, за што во ОП 2019 се издвоени речиси 44 милиони денари. Преку оваа мерка 1.625 невработени млади ќе можат да се стекнат со практични вештини за да бидат поконкурентни на пазарот на трудот и полесно да најдат работа. Неодамна Собранието го изгласа и законот за практоканство кој ќе помогне во премостување на периодот од образование кон вработување. Младите ќе имаа можност да се стекнат со практична работа во компаниите во траење од шест месеци и за истата да бидат платени, а работодавачите да препознаат квалитети кадри коишто трајно ќе ги вработат.

Минатата година во младинска гаранција се вклучија 8.850 лица. Од нив 4.651 се жени а 1.982 се вработиле. Земајќи го предвид одличниот успех на програмата, Гаранцијата за млади продолжува и во 2019 година, со посебен акцент на трите региони: Североисточен, Југозападен и Полошки регион како најранливи региони од аспект на опфатот на НЕЕТ млади 15-29 години. Планираниот опфат на учесници во Гаранција за млади е околу 9.500 млади лица.

Состојбата со вработеноста на младите е подобрена во 2018 година, што може да се потврди со статистички податоци спред кои стапката на невработеност на младите лица од 15 до 24 години во 3-тиот квартал од 2018 година изнесува 45,8%, а на вработеностa 17,7%.

МТСП продолжува да вложува во развивање на вештините на младите и во создавање поволни услови за нивен успех и професионален напредок.