МТСП: Извршителите нема да блокираат сметки на приматели на социјална помош
Денес, Министерството за труд и социјална политика и Комората на извршители на Република Македонија потпишаа Меморандум со кој извршителите се обврзуваат да не ги блокираат сметките на лицата – приматели на социјална помош.
„Потпишувањето на Меморандум со Комората на извршители е со единствена цел – да ги заштитиме правата на лицата кои се во социјален ризик со тоа што ќе спречиме да се блокираат нивните сметки“, изјави министерката Царовска.
„Со потпишувањето на овој Меморандум, ние ја изразуваме подготвеноста за соработка на полето на спроведувањето на социјалната политика и на Законот за извршување. Соработката ќе се темели на начелата и постапките предвидени со овој меморандум, а согласно прописите за заштита на личните податоци“, додаде Царовска.
Потписниците се согласни да ги применуваат највисоките стандарди за етичко и законско однесување за време на реализација на овој меморандум и се обврзуваат да обезбедат систем за заштита на податоците од неовластено користење и злоупотреба.