22/11/2024
Спорт

Муамед Сејдини избран за претседател на Фудбалската федерација на Македонија

Муамед Сејдини е избран за претседател на Фудбалската федерација на Македонија со мандат од 2021. до 2025. година. 

На Редовното Генерално Изборно Собрание на Фудбалската федерација на Македонија присуствуваа 52 од вкупно 53 делегати и сите му дадоа поддршка на актуелниот прв човек на македонскиот фудбал. 

Свое обраќање до присутните на Собранието на Фудбалската федерација на Македонија имаа високите гости од УЕФА, Зоран Лаковиќ, директор на Национални асоцијации, а во видео изјава изборот на Муамед Сејдини му го честиташе и претседателот на ФИФА, Џани Инфантино.

– Честа да се биде претседател на Фудбалската федерација на Македонија е голема. Вашата поддршка ме обврзува да продолжам да го давам својот максимум за развој на македонскиот фудбал.

Годината 2020. на фудбалски план ќе ја паметиме по нашиот најголем успех и пласманот на нашето прво Европско првенство. Потврдивме дека кога се работи искрено и мотивирано резултатите не изостануваат.

Во тој правец ќе продолжиме и во следниот период. На најдобрата репрезентација им ги овозможуваме најдобрите услови за работа, а поголем мотив за нив од настап на Европското првенство мислам дека не постои. Им посакувам многу успех во Букурешт и Амстердам и дај Боже одново да се радуваме на големи резултати.

Поддршка, техничка, финансиска и логистичка, како и досега ќе добијат и сите други национални селекции. Тоа е нашата репрезентативна база и ќе продолжиме да ги надградуваме младинските селекции и Академијата на ФФМ.

Фудбалската федерација на Македонија секогаш ќе ја помага својата база. А, Општинските фудбалски Сојузи се нераскинлив дел од нашето семејство. Ве повикувам да разговарате, да се борите, да работите заеднички.

Ги повикувам и охрабрувам клубовите од Македонската лига. Вклучете се активно во организацијата на натпреварувањата. Како и досега, секогаш ќе ја имате мојата и поддршката на федерацијата за формирање на Ваше здружение за организација на натпреварите.

За тој чекор, ниту некогаш сум бил противник, ниту ќе бидам. Тоа е натпреварување на клубовите и доколку сметате дека треба да го организирате преку свое здружение ја имате мојата целосна поддршка. ФФМ ќе помогне во таа насока на начин на кој заеднички ќе одлучиме.

Додека јас сум претседател на оваа федерација, чесноста и отвореноста ќе бидат особини кои нѐ красат. Вратата на Фудбалската федерација секогаш ќе ви биде отворена.

Дајте Ваш придонес да бидеме горди на репрезентацијата, да бидеме горди на младите селекции, да бидеме горди на нашите клубови, нашите тренери, судии, фудбалски великани.

Денеска е големиот христијански празник – Прочка.

Јас сум муслиман, но и во нашата вера, откако ќе прости, човекот ќе има кроткост, трпение, смирение и човекољубие. Простете ако грешев.

Ви посакувам здравје и успех. 

Муамед Сејдини – претседател на ФФМ