23/11/2024
Македонија

Муслиманите го слават Рамазан-бајрам

Рамазан е најсветиот месец во исламот во кој е објавен Куранот во 610 година. Празникот Рамазан-бајрам се слави по завршувањето на светиот месец. За цело време на светиот месец се држи строг пост. Бајрам е празник кој го слави духовното и телесното прочистување.

Во исламската религија Рамазан е светиот месец кој е деветти во лунарната година и секоја година се поместува за 10 дена наназад. Самиот празник е строга должност – фарз на секој муслиман.

Самиот ден кога се слави Бајрам започнува со Рамазан-бајрамска молитва, потоа се оди на гробишта да се посетат гробовите на предците и блиските. Потоа се честита празникот прво на најстарите (им се целива рака), а потоа на останатите. Помладите секогаш одат кај постарите. За славењето на денот се приготвуваат и служат традиционалните бајрамски јадења (бајрамско месо, аландити и баклава). Празникот се слави 3 дена и за цело време се оди на честитање.

Светиот месец Рамазан е муслимански празник кој трае во текот на целиот деветти месец од исламскиот календар. Се верува дека во текот на тој месец светата книга – Куранот му бил откриен на Архангелот Гаврил, кој потоа му го пренел на пророкот Мухамед. Рамазан е време на пост, молитва, солидарност и милост, во кој муслиманските верници целодневно се воздржуваат од конзумирање храна, цигари, алкохол, но и од лоши мисли, идеи и дела.

Постот почнува со изгрејсонце (суфур) и трае до зајдисонце (ифтар). Јадење и пиење се дозволени во текот на ноќта. Од пост се ослободени децата, бремени жени, доилки и болни.

Рамазан е еден од петте столба на исламот. Останатите се верата, молитвите, поклонението и давањето милостина. Тоа е месец на добрина, милост, љубов и простување. Верувањата се дека кога ќе дојде празникот, портите на џенетот (рајот) се отвораат, портите на џехенем (пеколот) се затвораат.

Муслиманите сметаат дека Рамазан на секој дом му носи полни раце дарови – милост, бериќет и проштевање. Куранот вели дека Рамазан има четири димензии – духовна, морална, солидарна и здравствена.

Редакцијата на WebOhrid на сите верници од муслиманската вероисповест, им го честита големиот муслимански празник Рамазан Бајрам.