23/11/2024
Македонија

Музичка младина на Македонија со концерт во чест на Ѓумар

Камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија денес (недела, 22 април) од 20. часот во големата сала на Македонската филхармонија ќе одржи концерт во чест на својот долгогодишен диригент и уметнички раководител Саша Николовски Ѓумар (1966-2017)…

Оркестарот од дваесет млади музичари ќе го води Дијана Имери-Илкоска. Солист на Концертот бр. 4 за пијано и оркестар од Бетовен ќе биде пијанистот Дино Имери. На програмата се и Адаџо од Бах и Мала ноќна музика од Моцарт, а ќе има и изненадување за публиката.

Диригентката Дијана Имери – Илкоска, која во 2014 година дипломираше во класата на Ѓумар, а сега е шеф-диригент на Оркестарот на МММ што многу години го раководеше нејзиниот професор, рече дека со концертот-омаж сакаат да го задржат споменот за Ѓумар и неговиот значаен придонес во македонската музика и едукација на млади музичари.

Генералниот секретар на МММ, Александар Герасимовски соопшти дека Извршниот одбор на Музичка младина на Македонија донел одлука по концертот на 22 април Оркестарот на МММ да го носи името: Камерен оркестар „Ѓумар“.

„Во континуитет од 1986 година Ѓумар беше комплетно предаден на идејата – и за МММ и Камерниот оркестар, и за продолжување на почетоците на оркестарот поврзани со Фимчо Муратовски. Но Саша Николовски Ѓумар остави најголем белег, и тоа не само со оркестарот, туку, пред се, за промоција на млади музичари, она што е за нас најбитно“, вели Герасимовски, зборувајќи за придонесот на Ѓумар во развојот на Музичката младина на Македонија која постои 55 години.

Саша Николовски Ѓумар од 1998 година предаваше хорско и оркестарско диригирање на Факултетот за музичка уметност. Автор е на аранжмани на четири музички изданија. Почина на 50-годишна возраст на 14 јануари 2017.