25/11/2024
Македонија

Музичко – поетскиот караван „Еу за ТЕБЕ“ тргна од Старо Нагоричане, богата програма и активности за Европската година на културно наследство

Вчеравечер пред знаменитата црква „Св.Ѓорѓи“ во Старо Нагоричане свечено беше отворен Музичко поетскиот караван  „Еу за ТЕБЕ“. Eдна од манифестациите со кои започнува одбележувањето на Европската година на културното наследство ја отворија амбасадорот на ЕУ Самуел Жбогар, градоначалничката на Старо Нагоричане, Жаклина Јовановска и министерот за култура, Роберт Алаѓозовски, кој се заблагодари за помошта на ЕУ и најави дека по повеќегодишниот застој на конзерваторските зафати од страна на македонските институции, Министерството за култура започнува со интензивни  активности за заштита на овој знаменит храм…

Во обраќањето пред присутните, Шефот на делегацијата на Европската Унија во Македонија, Самуел Жбогар ја изрази неговата одушевеност од Старо Нагоричане и од црквата Свети Ѓорѓи. „Ме радува што Европската Унија обезбедила помош за реконструкција на комплексот, кој дава одлична можност  за туристички и економски развој на регионот. Ја поздравуваме посветеноста на Министерството за култура да ја заврши започнатата конзервација на црквата“, нагласи амбасадорот Жбогар.

Тој меѓу другото посочи дека Европската Унија му придава огромна важност на културното наследство и затоа инвестира големи средства во неговата заштита, а дека оваа црква е само еден од многуте примери на вашето богато културно наследство кое е дел од заедничкото европско наследство.  Жбогар им заблагодари на организаторите и домаќините, како и на министерот за култура за чии јасни заложби за заштита на културното наследство рече дека би требало да ги дадат посакуваните резултати.

eu_za_tebe_otvoranje_st_nagoricane_13_april_2018_foto_naslov_zbogar

Министерот за култура на Република Македонија, Роберт Алаѓозовски, во неговото обраќање на отворањето на манифестацијата истакна дека Министерството, како координатор на Европската година на културно наследство, ја поздрави иницијативата на Комесарот за надворешна политика на ЕУ, г-ѓа Могерини и Комесарот за образование, култура, млади и спорт г-дин Тибор Наврациц, „Рута на културното наследство на Западен Балкан“, преку која Европската Унија им овозможи на земјите од овој регион подиректен пристап до посебната акција на Европската Унија -одбележувањето на Европската година на културното наследство.

„Културното наследство е она, преку кое се идентификуваме, запознаваме, комуницираме, се промовираме, се зближуваме.  Тоа е дел од нашето минато, но и од нашето секојдневие и нашата иднина. Културното наследство ни припаѓа на сите. Затоа,заеднички треба да ја градиме нашата граѓанска свест, одговорност и однос кон различните манифестации на културно наследство“, порача Алаѓозовски.

eu_za_tebe_otvoranje_st_nagoricane_13_april_2018_foto_1

Тој рече дека како министер за култура е свесен за состојбата во која се наоѓа културното наследство во нашата земја, вклучувајќи го и недостигот на професионални и институционални капацитети, кои се неопходни за да се надмине оваа состојба.  Но, од друга страна, како што посочи, културното наследство е приоритет на Министерството за култура, а ангажманите и напорите ќе се движат во насока да се пополнат овие празнини и да се решаваат затекнатите проблеми.

„Во оваа прилика, сакам да ве информирам дека Министерството за култура, во соработка со институциите од областа на културното наследство, професионалните и граѓанските здруженија, од следниот месец ќе започне активности посветени на Европската година на културно наследство. Првите активности ќе бидат посветени на музеите како чувари, едукатори и промотори на културното наследство.  Верувам дека преку активностите кои заедно ги посветуваме на одбележувањето на Европската година на културното наследство ќе се зголеми не само видливоста за неговото значење за нашата и европската иднина, туку дека истовремено сите заедно ќе размениме бројни искуства и идеи за негова подобра заштита, одржливост и промоција“, нагласи министерот за култура.

Музичко поетскиот караван го организира здружението „Извор Кратово” со цел да се интегрира културата и да се подигне свеста за потребата од јакнење на интеракцијата помеѓу културното наследство и другите културно креативни сектори. Караванот се состои од класична, популарна и староградска музика во изведба на помали оркестри и книжевни активности. Идејата е преку оваа манифестација  да се постигне симбиоза помеѓу литературата и поетското творење на познати млади уметници. Освен во црквата „Св. Ѓорѓи“ – Старо Нагоричане, караванот ќе патува и во: Камени кули – Куклици, Домот на културата во Кратово,  и манастирот „Св.Јоаким Осоговски“ – Крива Паланка.

eu_za_tebe_otvoranje_st_nagoricane_13_april_2018_foto_5

За прекрасната црква Св.Ѓорѓи, ЕУ обезбеди помош за уредување на непосредната околина на споменикот: камбаната, околните ѕидови на црквата, надгробните плочи во дворот на црквата, испосницата во Св. Прохор Пчињски, трансформацијата на старата црква во етно-музеј, плоштадот во селото и фонтаната. Поддршката за културно – туристичката локација Старо Нагоричане беше доделена во рамките на Љубљанскиот процес кој претставува регионална иницијатива наменета за Југоисточна Европа со која заеднички управуваат Советот на Европа и Европската Унија.

По повеќегодишниот застој на конзерваторските зафати од страна на македонските институции, Министерството за култура започнува со интензивни  активности за заштита на овој знаменит храм. Склучен е договор за регулирање на обврските за спроведување на преостанатите активности од проектот помеѓу Националниот конзерваторски центар и Министерството. Распишан е тендер за препокривање на црквата, како прва и ургентна фаза каде е предвидено изработка на времена наткровна конструкција, санација и препокривање со нов оловен покривач и хидроизолациони покривки на традиционален начин,  на сите куполи и покривни површини. Изготвено е Барање за Конзерваторско одобрение и доставено до Управата за заштита на културното наследство, а се очекува на почетокот од наредниот месец избраната фирма да започне со активноста. Министерството за култура има обезбедено дополнителни финансиски средства за овој проект, кои ќе бидат трансферирани на установата по завршување на секоја наредна активност и доставување на извештај за спроведената активност.

eu_za_tebe_otvoranje_st_nagoricane_13_april_2018_foto_naslov_crkva_sv_gjorgji