12/02/2025
Македонија

МВР апелира за смиреност во јавноста по мноштвото лажни пријави за подметнати експлозивни направи во повеќе училишта

Министерството за внатрешни работи ја информира јавноста дека по мноштвото пристигнати пријави за наводно подметнати експлозивни направи во повеќе основни и средни училишта на речиси цела територија на државата, надлежните служби на министерството преземаат сеопфатни плански мерки и активности согласно внатрешните процедури за постапување во случај на терористичко загрозување.

Напоредно со ова се врши и проценка на степенот на загрозувањето во меѓусебна координација на безбедносно-разузнавачките служби, преку формиран оперативен штаб во рамки на Министерството.

Согласно досегашните активности, проверките покажуваат дека станува збор за лажни пријави.

Воедно, Министерството за внатрешни работи повикува и апелира за смиреност во јавноста и воздржување од ширење на дезинформации околу ваквите настани што инаку вчера беа евидентирани и во други земји во регионот.