22/11/2024
Македонија

МВР: Расте довербата во полицијата, граѓаните се чувствуваат безбедни!

 Бројот на задоволни граѓани од работата на полицијата е значително зголемен во однос на резултатите од 2017 година и изнесува 55 отсто, а целокупната доверба во полицијата е 53 отсто и тоа е зголемување од 7 отсто во однос на испитувањето во 2017 година кога изнесувала 46 отсто, покажуваат резултатите од истражувањето на јавното мислење за демократско полициско работење за 2019 година спроведено од aгенцијата Рејтинг, а за потребите на ОБСЕ, што денеска беа презентирани во Скопје.

Според ова истражување, што се спроведува на две години, осум од 10 испитаници се чувствуваат безбедно во соседството. Истражувањето е спроведено од 13 до 30 септември на 2600 испитаници со интервју „лице во лице“ во домот на испитаникот.

„Одговорноста на институцијата ја потврдуваме преку воспоставување стандарди и процедури за работа кои се во рамките на владеење на правото. Од друга страна, транспарентноста ја потврдуваме преку навремено и објективно информирање на граѓаните. Полицијата секојдневните задачи може максимално успешно да ги извршува само ако ужива доверба. Отсуството на легитимитет, значи отсуство на доверба, неприфатеност и отпор кон полицијата. Оттаму, за нас од извонредно значење е да ги следиме ставовите на граѓаните за работата на полицијата. Ние сакаме да ги слушнеме и да одговориме на она што ни го кажуваат луѓето, да работиме постојано на развивање на капацитетите за навремено идентификување на проблемите и изнаоѓање заеднички решенија на локалните проблеми. Дозволете ми уште еднаш да ги истакнам заложбите за целосна посветеност на потребите на граѓаните. Оваа определба на Министерството за внатрешни работи се заснова на важечката правна рамка, како и на организациската структура на Министерството и посветеноста на МВР за развивање на транспаретна и услужна организација која во центарот ќе го постави човекот, човековите права и слободи и владеењето на правото како основен принцип на демократското полициско работење“, рече министерот Оливер Спасовски на денешната презентација на резултатите од ова истражување.