23/11/2024
Македонија

МВР: Следење на политички случувања во никој случај не значи полициско следење

Министерството за внатрешни работи ги демантира и отфрла шпекулациите и извртувањата на интервјуто на министерот Спасовски за МИА.

Во интервјуто министерот Спасовски јасно кажува дека и тој како и сите граѓани на Република Македонија следат што се случува во однос на референдумот односно поставеноста на политичките структури во однос на референдумот, а меѓу нив и на платформата „бојкотирам“, кои имаат легитимно право да излезат со свој став.

Граѓаните, исто како и Спасовски, ги следат политичките случувања, што во никој случај не значи полициско следење, како што некој сака да манипулира.

Министерството за внатрешни работи најостро ги отфрла шпекулациите и извртувањата за наводно прислушкување и следење на членовите на оваа платформа и апелира доколку сакаат да го привлечат вниманието на јавноста тоа да го сторат на друг начин, а не преку ширење на лаги и дезинформации.