26/11/2024
Македонија

МЗШВ активно соработува со сите општини и со АД Водостопанство за чистење на речните корита и одводните канали

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски денеска имаше работна средба со градоначалникот на општина Струмица Коста Јаневски. На средбата, се разговараше за актуелните состојби и активности од областа на земјоделството, како што се чистењето на одводните канали и речните корита, тампонирање на полските патишта и одржување на постојните и изградба на нови системи за наводнување.

Министерот Николовски беше во обиколка на дел од локациите каде што е во тек акција за чистење на одводните канали и речните корита од страна на општина Струмица и подружницата на АД Водостопанство.

На средбата министерот Николовски и градоначалникот Јаневски, се договорија за проширување на овие активности кои ќе дадат и поголем ефект во намалувањето на ризиците од поплави.

„Одржувањето на чисти одводни канали и речни корита е од исклучителна важност за заштита на околното население од поплави, а од земјоделски аспект, за обезбедување на обработливо земјиште за квалитетно производство, како и за заштита на веќе посеаните површини од елементарни непогоди. Ваквите акции ќе помогнат во превенцијата од поплави, особено во овој регион. Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство,активно соработува со сите општини и со АД Водостопанство, се со цел да ја помогнеме реализацијата на овие клучни активности во делот на чистењето на речните корита и одводните канали, и за да обезбедиме безбедно земјоделско производство“, изјави министерот Николовски.

При тоа министерот Николовски посочи дека дека идните мерки на МЗШВ, имплементирани во Националната Програма за земјоделство и рурален развој, кои се во насока на обезбедување современи системи за наводнување на земјоделските површини, преку изградба на микро-акумулации во рурални региони, системи за наводнување и одводнување, реконструкција на канали за наводнување и изградба на брани.