МЗШВ и Делегацијата на ЕУ ги прецизираа активностите за Функционалната анализа и Анализата за импактот од субвенциите
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, денеска имаше работен состанок со раководителот за соработка од Делегацијата на Европската унија, Никола Бертолини и со раководителот на секторот за оперативни работи од Делегацијата ЕУ, Вирве Вимпари.
На состанокот се прецизираа идните активности за спроведување на проектот за Функционална анализа на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Со оваа анализа ќе бидат ревидирани секторите во МЗШВ и органите во состав на министерството.
Конкретно анализата ќе опфати ревизија на работењето на администрацијата во земјоделскиот сектор кој што ги извршува стратешките и оперативните функции во МЗШВ. Исто така ќе биде анализирана и работата на органите во состав на министерството.
Резултатите од анализата ќе се искористат за подготовка на предлог мерки со кои ќе се зголеми ефикасноста и ефективноста на функционирањето на МЗШВ.
Освен Функционалната анализа, на состанокот беа договорени и активностите поврзани со проектот за Анализа на импактот од субвенциите, кој што ќе започне со реализација на почетокот на следната година.
Резултатите од оваа анализа ќе го покажат досегашниот ефект од субвенциите и ќе дадат насоки за идните планирања за финансиската поддршка за земјоделството и руралниот развој, кои ќе придонесат за зголемување на конкурентноста на земјоделското производство и усогласување со европската заедничка политика.
Министерот Николовски посочи дека оваа анализа е еден од клучните приоритети на Владата на Република Македонија,која е важна за зголемување на ефикасноста на финансиска поддршка за развој на земјоделството.
Меѓудругото на состанокот се разгледуваше и статусот на реализација на тековните проекти од ИПА, како и планот за идните проекти финансирани од ЕУ.
Раководителот за соработка од Делегацијата на Европската унија, Никола Бертолини, посочи дека ЕУ е отворена за соработка со МЗШВ, и се согласи вакви работни средби да се одржуваат на месечно ниво и во проширен состав со директорите на Агенцијата за храна и ветеринарство и Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.