МЗШВ: Започна процедурата за исплата на договорите за ИПАРД 2 Програмата
Започна процедурата за исплата на договорите на ИПАРД 2 програмата. Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство преку успешни бизниси ја истакнува важноста од искористеноста на европските фондови. Министерот за земјоделство шумарство и водостопанство Љупчо Николовски заедно со директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Николче Бабовски и со градоначалникот на општина Штип, Благој Бочварски, беа во посета на селото Лакавица, насредба со дел од земјоделците кои имаат склучено договори за мерките од ИПАРД 2 Програмата.
Министерот Николовски посочи дека придобивките од ефикасната искористеноста на европските фондови кои им стојат на располагање на земјоделците, се огромни, и се можност за модернизација на македонското земјоделство.
„Од Штип ја испраќаме пораката за искористување на европските средства и парите кои им стојат на располагање на земјоделците. Овде го видовме одличниот пример за набавка на автоматска берачка за вишни која чини 50.000 евра, а преку ИПАРД 2 се финансирани околу 50 % од трошоците“.
Од вкупно 684 склучени договори, 666 договори се за Мерката 1 односно Инвестиции во материјални средства на земјоделски стопанства, за која што се побаруваат над 6,2 милиони евра. Останатите 29 договори се склучени за мерката 3 односно Инвестиции во материјални средства за преработка на земјоделски и рибни производи, за која што побарувањата изнесуваат 6,1 милиони евра.
Од овие 684 веќе склучени договори, досега до Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој до денеска за исплата на средства се пристигнати 107 барања по Мерките 1 и 3.
Вкупно за двете Мерки се побаруваат околу 610 илјади евра.
„Неопходно е да се зголеми процентот на искористеност на ИПАРД 2 средствата кои ни стојат на располагање и тоа е една од нашите клучни политики оваа година. До денес се склучени договори за над 12 милиони евра кои што веќе се ставаат во функција на македонското земјоделство“, истакна Николовски.
Ова е и целта на евроинтеграциските политики на кои што силно е фокусирана Владата на Република Македонија, затоа што влезот во ЕУ ќе значи зголемување на фондовите за земјоделците, потенцираше министрот Николовски.