На 9 март ќе се избира ново раководство на Здружението на пензионери од Охрид и Дебрца
На 23 февруари се одржа годишно собрание на Здружението на пензионери од Охрид и Дебрца. На собранието беше разгледан годишниот извештај за работа на собранието за 2018 година и завршната сметка во однос на материјално-финансиското работење.
„Задоволство ми беше да присуствувам на оваа седница, членовите на Собранието го прифатија годишниот извештај за 2018 година и други пропратни извештаи. Извештајот се однесуваше и на четиригодишната работа на Здружението, бидејќи истече мандатот, ова беше и последна седница на овој состав на Собранието. Исто така, усвоена беше и завршната сметка и ја доставивме до УЈП.“ – истакна Ѓорѓи Трпчески, претседател на Здружението на пензионери од Охрид и Дебрца.
Како што рече Трпчески, распишани се изборите за новиот мандат 2019-2023 година, а избрана е и изборна комисија.
„Комисијата за избори беше присутна на собирите на месните ограноци и помагаше како да се предложат кандидати за наредниот мандат на вкупно 21 месен огранок каде учествуваа над 800 пензионери.“ – додаде Трпчески.
На 9 март Собранието на Здружението на пензионери од Охрид и Дебрца ќе се конституира и ќе се изберат нови органи, ќе се избере Собрание, кое ќе изврши избор на Извршен одбор, Надзорен одбор, Статутарна комисија, кои подоцна ќе изберат и други помошни тела и комисии.
WebOhrid