На ГП Богородица запленети 130 кг марихуана
Царинските службеници од граничниот премин Богородица при контрола на товарно моторно возило со албански регистарски ознаки открија 130 килограми марихуана.
Имено, на 2 мај 2018 година во 3:00 часот, на граничниот премин Богородица на излез од Република Македонија, се појавило товарно моторно возило со албански регистарски ознаки, управувано од С.Р. (37) државјанин на Република Албанија. На прашањето на царинскиот службеник дали има нешто да пријави за царинска контрола истиот одговорил дека возилото што го управува е празно и дека патува од Албанија преку Македонија за Турција, каде треба да утовари стока.
Царинските службеници извршиле контрола на возилото, при што во дрвените странични даски што ја држат церадата од полуприколката (во специјално изработен простор во внатрешноста на даските), се пронајдени вкупно 323 пакувања завиткани со прозирна најлонска фолија, наполнети со марихуана со вкупна тежина од 130 килограми.
Вредноста на запленетата дрога на црниот пазар при продажба на мало би изнесувала 390 илјади евра.
Царинската управа против С.Р. (37) поднесе кривична пријава за сторено кривично дело „Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги психотропни супстанции и прекурсори“ до надлежното Јавно обвинителство во Велес, по што Основниот суд во Велес му одреди мерка притвор во траење од 30 дена
Од почетокот на 2018 година, во пет случаи на повеќе гранични премини запленети се 472 килограми марихуана. Ова е втор поголем случај на заплена на дрога, претходно на 28 јануари 2018 година на граничниот премин Богородица, на влез во Република Македонија запленети беа 310 килограми марихуана.