26/11/2024
Македонија

На Мајските вечери промоција на монографија за примадоната Зина Креља

Во недела, 18 мај, во 20:00 часот во Македонската опера и балет ќе биде промовирана монографијата за животниот пат на Зина Креља сопран и првенка на Македонската опера и балет. Автори на овој значаен труд за нашата музичка историја се м-р Снежана Анастасова – Чадиковска и д-р Александар Трајковски. Рецензенти на делото се проф. Фимчо Муратовски и проф. м-р Весна Гиновска – Илкова …

Монографијата го прикажува уметничкиот и животен пат на оперската примадона Зина Креља – една од основоположниците на Македонската опера, која во текот на својата кариера, на сцената на националната оперска куќа реализира 23 оперски улоги.

Низ една сеопфатна музиколошка анализа, прикажана е нејзината актива на оперската сцена, со што се создава јасна слика за неизбришливиот траг во македонската култура, кој го остава благодарение на сувереното вокално и артистичко владеење со сцената.

Посебно значење, атрактивност и привлечност на монографијата ѝ дава фактот што таа е богато илустрирана со многу фотографии од уметничкиот и приватен живот на Зина Креља, кои досега се непознати за јавноста.

По промоцијата на ова монументално дело, ќе се одржи концерт на кој ќе настапат првенките на Македонската опера и балет.