23/11/2024
Охрид

На охридскиот аеродром ТАВ Македонија го пречека првиот лет од Малме

ТАВ Македонија на Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид го пречека првиот лет на Виз ер од Малме, во исто време одбележувајќи го отворањето на две нови дестинации од Охрид – Малме и Милано

Со традиционална свеченост, ТАВ Македонија ги пречека 118-те патници што пристигнаа од Малме, шестиот најголем град во Скандинавија, на охридскиот аеродром, денеска, 18-ти март, во 11:25 часот, со Ербас A 320 на Визер. Половина час подоцна, во 11:55 часот, воздухопловот полета од Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид назад кон Малме со 60 патници.

Утре, 19-ти март, во 17:25 часот, охридскиот аеродром ќе ги пречека првите патници кои ќе пристигнат со првиот лет на Визер од Милано, италијанскиот град познат како еден од главните градови во светот на модата и дизајнот. Новите линии на Визе ер ќе сообраќаат два пати неделно со Ербас A 320, со 180 седишта.

Двете нови директни линии ќе сообраќаат во текот на целата година, со две неделни фреквенции. Почнувајќи од денеска, 18-ти март, летот од/до Малме ќе сообраќа секој понеделник и петок, со време на пристигнување во 11:25 часот, време на поаѓање 11:55 часот; додека летот од/до Милано Малпенса од утре, 19-ти март, ќе сообраќа секој вторник и сабота, со време на пристигнување во 17:25 часот, и време на поаѓање во 17:55 часот.

Овој распоред на летовите важи до крајот на март, односно до крајот на зимската сезона. Според распоредот на летови за летната сезона во 2019 година, од 1-ви и 4-ти април, соодветно, Милано Малпенса ќе пристигнува во 18:55 часот, а ќе полетува во 19:25 часот, додека летовите од Малме ќе пристигнуваат на охридскиот аеродром во 11:20 часот и ќе поаѓаат назад во 11:50 часот, двата лета ќе сообраќаат секој понеделник и петок.

Од менаџментот на ТАВ Македонија го изразија нивното огромно задоволство за континуираниот развој на мрежата на авиолинии на Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид.

Среќни сме да ги пречекаме и да го најавиме додавањето на Малме и на Милано на мапата со дестинации како две авиолинии што ќе сообраќаат во текот на целата година на Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид. Оваа прилика не е само за одбележување на проширувањето на мрежата на линии од охридскиот аеродром, туку ова исто значи и отворање два нови дојдовни пазари, Шведска и Италија, за патници и туристи кои доаѓаат во посета на прекрасниот Охрид. Во исто време, двете неделни фреквенции, ќе бидат од корист за целата локална заедница долж Охридското Езеро и за економијата во нашата земја воопшто. Директните линии Охрид-Малме и Охрид-Милано (Малпенса) може да се користат како поволна конекција при патување во Шведска или Италија. ТАВ Македонија секогаш се радува на новите авиолинии и новите можности за патниците кои ги користат двата аеродрома во Скопје и во Охрид, а денес ни е драго што се задоволени потребите и барањата на патниците. Со воведувањето на овие две нови дестинации, веруваме дека ќе има бројни можности за македонските граѓани да го прошират и да го зголемат нивното патувачко искуство. Би сакал да се заблагодарам на Виз ер за нивната посветеност кон развој на воздухопловството во нашата земја, како и на Владата за нивната постојана поддршка, изјави Неџат Курт, Координатор на Аеродроми во ТАВ Македонија.

Билетите за двете нови авиолинии, Охрид-Малме, Охрид-Милано Малпенса, и обратно, се веќе во продажба преку веб-сајтот на Визер www.wizzair.com.

Со додавањето на Малме и Милано, како нови дестинации, сега од Аеродромот Св. Апостол Павле – Охрид има 5 редовни линии, Виена, Базел, Цирих, Малме и Милано, како и 8 сезонски дестинации до: Амстердам, Брисел, Тел Авив, Варшава, Катовице, Истанбул, Ајндховен и Талин, на кои оперираат 11 авиокомпании.

ТАВ Македонија како аеродромски оператор на двата македонски аеродрома, продолжува со порастот во бројот на патници. Имено, во текот на јануари и февруари 2019г., вкупно 305.246 патници (7% годишен пораст), патувале преку двата македонски аеродрома – Меѓународен Аеродром Скопје и Аеродром Св. Апостол Павле – Охрид.

ТАВ Македонија ја заврши 2018 година со вкупно 2,3 милиони патници на двата аеродрома, со 16% годишен пораст, и со 19.750 летови, односно 9% годишен пораст.