27/11/2024
Охрид

На старите и изнемоштените не им изградија дом, ама, барем,им ги направија достапни тротоарите и пешачките премини

Локалните власти во Охрид, без разлика од која политичка групација биле, или, сеуште се, дебело ја утнаа работата со изградбата на соодветен објект за престој и живот на постарите, односно лицата од “третото доба”.

Никој не би сакал да се најде на нивно место и да заврши на геријатрија, зашто друга можност и нема, освен ако, успее да најде место во Домот за стари лица во Битола, или некој друг град во земјата.

За да биде парадоксот уште поголем, поранешни градаоначалници, сега се најдоа на таква мака и во Битола можат на “долго и широко” да размислуваат за пропуштената можност.

Навистина, нешто се гради во населбата “Даљан”, на местото каде општинското раководство од минатиот состав, потпиша конкретен договор за изградба на старечки дом со градежната фирма “Илинден” од Струга, но никој ниту зборува, ниту пак верува во тоа дека таа градба, навистина, ќе биде наменета за старите лица.

Но, како што обично се вели, никогаш не е доцна да се остави првиот впечаток, кога се во прашање старите и изнемоштени лица.
А тие не бараат премногу.

Одговорните во локалната самоуправа дошле на идеја, а вработените во ЈП “Градскли гробишта”, ја реализирале – да се симнат високите камени коцки и да се овозможи слободен, хоризонтален пристап на тротоарите.

Мала работа, ама голема услуга за оние кои не можат да се симнат, односно да ги прескокнат тие дваесетина сантиметри восочина.

Ванчо Костовски, директор на претпријатието – изведувач, вели дека досега ги извадиле камените, или бетонски коцки, на над стотина места. По целата должина на централната сообраќајница во градот – Булеварот “Туристичка”, потоа по “Димитар Влахов”, “Македонски просветители”, како и други улици од централното подрачје.

-Нашите екипи се подготвнеи и остручени и во зависност од барањата на општина Охрид, во секој момент можеме да продолжиме. Тоа е за нас мал напор, но е големо олеснување за пешаците и вцелосипедистите, додава Костоски.

В.М.