„На зајдисонце“ во Трпејца одбележан и јубилејот 100 години од раѓањето на Конески
Синоќа во Трпејца во рамките на десеттото издание на Културно – забавното лето „На зајдисонце“ со омаж беше одбележана 100 годишнината од раѓањето на големиот Блаже Конески.
Со избор од поезија од Конески и други светски автори настапија: актерката Марија Кондовска, младиот Симон Јаковлев – Писин и музичарот Лео Спасески – Охридски (синтисајзер).
Поетската вечер под отвореното ѕвездено небо беше збогатена со видео презентација за животот и творештвото на Конески изработена од страна на Милчо Јованоски, вработен во НУ Библиотека „Григор Прличев“ во Охрид а беше емитувано и негово кусо интервју со проф. д-р Вера Стојчевска – Антиќ во кое таа говореше за Конески како професор, колега и соработник.
Публиката со сите сетила синоќа уживаше во настанот барајќи и бис од актерите – рецитатори и од инструменталистот чии настапи беа следени со огромно внимание и долги аплаузи.
Присутните видоа и мал дел од делата создадени на Интернационалната ликовна колонија која овој септември ќе го има четвртото издание а е во организација, исто на Здружението „За Трпејца со љубов“.
Вчера – претпладнето во рекреативниот дел се одржа десеттата традиционална кајакарска регата „Номче Митрески“ на која покрај кајакарите од локалниот клуб „Рибар“ годинава во трите трки учествуваа и кајакари од Кајак- кану клубот „Стрмец“ од Охрид, раководен од Радован Попоски. Вчера на радост на најмладите се одржа и Малиот пливачки маратон на кој покрај деца од Трпејца пливаа и деца од Охрид, но и гостинчиња од Србија и Хрватска. Двата настани годинава беа помогнати од Асоцијацијата СПОРТ ЗА СИТЕ.
Во саботата – вечерта одличен настап имаа младите Мила и Билјана познати како дуо Black moon.Изведоа грст македонски и светски евергрини но и актуелни наши и странски музички нумери.
Во едукативниот дел трпејчани и гостите го проследија кусото обраќање на д-р Мери Јосифовска од Институтот за македонски јазик „Крсте Петков Мисирков“ која фрли еден поглед на Трпејца од ономастички аспект. Таа потсети на некои веќе познати факти но и отиде подлабоко во ономастичка смисла говорејќи за генезата на името на селото и на одредени топоними во негова близина. Д-р Јосифова потсети дека за селото Трпејца постојат записи уште од 1500 година и тоа уште од тогаш е познато под истото име.
Денеска понеделник од 18.30 ќе започне тридневната ликовна работилница наменета за млади творци „Цртаме на зајдисонце“ а од 20.30 ќе следи настапот на групата „Броз“ од Охрид.
Утревечер од 20.30 часот доаѓа ансамблот „Билјана“ . Во среда – претпладнето е традиционалната прошетка по патеката Чоколско а десеттото издание „На зајдисонце“ честа да го затворат ќе ја имаат пејачката група и оркестарот при Фолклорниот ансамбл „Бисери“ од Охрид.
„На зајдисонце“ и годинава е под покровителство на Општина Охрид, помогнато и од делегацијата на ЕУ во Скопје, како и брони спонзори и донатори.