23/11/2024
Македонија

Национален натпревар на ученички компании

Министерот за економија, Крешник Бектеши,  министерот за образование и наука, Арбер Адеми, директорот на Канцеларијата за општ развој на УСАИД во Република Северна Македонија, Едвард Гонзалез,  директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, Јован Деспотовски, извршниот директор на Џуниор Ачивмент Македонија, Љупка Панчевска ги поздравија и упатија честитки до 100-те средношколци од 15 средни училишта од 11 градови од целата држава, организирани во 20 ученички компании на Националниот натпревар на ученички компании, во организација на Џуниор Ачивмент Македонија.

Министерот Бектеши, поздравувајќи ја програмата за ученички компании на Здружението за поттикнување и подготовка на младите за успех во глобалната економија Џуниор Ачивмент Македонија, која е признаена од ЕК како „најдобра пракса во претпримничкото образование“, истакна: „Ова е вистинскиот начин да добиеме квалитетни кадри, кои ќе можат да одговорат на барањата на пазарот. Само вака младите ќе добијат и финансиска писменост, ќе се научат на соработка, планирање, лидерство, тимска работа, ќе го осознаат патот од идеја до реализација, ќе го поттикнат претприемачкиот дух. Но, покрај учениците, од оваа програма имаат бенефит и наставниците, на кои им се овозможува меѓународен професионален развој, како и бизнис секторот, кој преку директен пристап до учениците, на овој начин е директно вклучен во образованието и пренесувањето на знаењата и искуствата до потенцијалните нововработени и добива нивно вклучување во идни настани како волонтери или практиканти“.

На настанот свое учество имаше и министерот за образование и наука, Арбер Адеми, според кој ученичките компании претставуваат одлична можност за учениците од средните училишта кои во текот на образовниот процес имаат можност да почувствуваат што значи да бидат дел од една компанија.

„Стекнатото знаење преку практична обука во една ваква компанија,  преку работа, во голема мерка се разликува од процесот на стекнување на теоретско знаење и ова искуство е неопходно за побрз и поефикасен настап на пазарот на трудот по завршување на образовниот процес“, подвлече Адеми.

Според директорот на Канцеларијата за општ развој на УСАИД во Република Северна Македонија, Едвард Гонзалез, претприемништвото е важен концепт кој треба да се всади во сите, особено кај младите луѓе.

„Претприемачите се луѓе кои дејствуваат, кои иницираат, кои активно работат на подобрување на сопствената благосостојба. Општество со претприемачи секогаш се иновира и расте. УСАИД е горда да соработува со организациите на Владата и приватниот сектор кои активно работат на создавање можности за младите луѓе низ целата земја“, рече Гонзалес.

Директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, Јован Деспотовски, изрази задоволство што иницијативата на Американската агенција за меѓународен развој УСАИД и организацијата Џуниор Ачивмент Македонија поттикна толкав број на ученици од 11 градови од целата држава, што потврдува дека државата е богата со креативна сила.

„ФИТР од 2018 година интензивно вложува во развој на критички кретивен потенцијал кај младите, а само во изминатите 18 месеци обезбедивме финансиска поддршка за проекти во 20 средни и основни училишта каде учествуват над 150 учесници. Дополнително преку програмата Upshift, со 30.000 евра веќе се финансирани 15 тимови составени од средношколци и основци во чија реализација учествуваат повеќе од 60 ученици, обука поминаа 120 ученици, како и 20 ментори. Неодамна ФИТР иницираше и креирање на посебна национална програма за поттикнување на критичко и креативно размислување кај децата“, посочи Депсотовски додавајќи дека покрај досегашната поддршка во оваа програма ќе влезат и низа други мерки за реализацијата на оваа цел. 

Извршниот директор на Џуниор Ачивмент Македонија, Љупка Панчевска, потенцираше дека Здружението за поттикнување и подготовка на младите за успех во глобалната економија кое стои зад овој национален натпревар е дел од светската организација „Џуниот Ачивмент“, која годинава прославува 100 години постоење.

„За време на европскиот натпревар на најдобри ученички компании, кој ќе се одржи од 3 до 6 јули годинава во Лил, Франција, покрај тоа што ќе бидеме дел од натпреварот, ќе бидеме присутни и на прославата на 100-годишнината, како и на Европскиот самит за претприемничко образование. Морам да напоменам дека секоја година во оваа светска мрежа која ја има на сите континенти, поминуваат по 10 милиони млади луѓе“, рече Панчевска.

Во рамки на денешниот настан учениците предводени од одговорниот наставник имаат можност да презентираат што сработиле во текот на учебната година на штандовите кои се поставени на јавно место, во Трговскиот центар „Веро-Џамбо“, а најдобрите ќе бидат наградени.