27/11/2024
Македонија

Националниот план за управување со квалитет во јавниот сектор достапен за коментари

Министерството за информатичко општество и администрација подготви Национален план за управување со квалитет во јавниот сектор во Република Македонија за периодот 2018-2020 година. Националната рамка за управување со квалитет во јавниот сектор е предвидена како активност во Акцискиот План на Стратегијата за реформа на јавната администрација.

Подготовката на овој документ беше поддржана од страна на Регионалната школа за јавна администрација (РеСПА) преку ангажирање на меѓународен експерт кој се вклучи во изработката. Како основа за подготвката на активностите од планот беа земени две анализи. Првата е регионална анализа на РеСПА за управување со квалитет во земјите од Западен Балкан. Втората е национална анализа која ја спроведе МИОА во текот на 2017 година и која опфати две истражувања за користењето на ЦАФ моделот во институциите во Република Македонија. Преку спроведените анализи се добија информации за искуствата и потребите во спроведувањето на инструментите за управување со квалитет во институциите во Република Македонија.

Првичниот нацрт Националниот план за управување со квалитет во јавниот сектор во Република Македонија за периодот 2018-2020 година беше презентиран на Националата конференција за управување со квалитет која се одржа на 18 декември 2017 година. Документот во нацрт верзија исто така беше прзентиран и дискутиран во текот на првиот квартал од 2018 година на неколку работни средби на лицата кои работат на областа на управување со квалитет во институциите во Република Македонија.

Имплементацијата на Националниот план за управување со квалитет во јавниот сектор во Република Македонија за периодот 2018-2020 година ќе изврши големо позитивно влијание врз целокупниот систем на јавна управа и ќе придонесат кон постигнувањето на модерна, ефикасна и професионална администрација во службата и подобри услуги за граѓаните.

МИОА ги повикува сите засегнати страни, институции, невладини организации и заинтересирани граѓани да испратат свои предлози, препораки и коментари на нацрт Националниот план за управување со квалитет во јавниот сектор во Република Македонија за периодот 2018-2020 година. Вашите коментари и предлози во однос можете да ги доставите најдоцна до 25.05.2018 година на следниов e-mail: marija.nikoloska@mioa.gov.mk

Нацрт Националниот план за управување со квалитет во јавниот сектор во Република Македонија