22/11/2024
Македонија

Над осумдесет квалитетни проекти беа дел од Новиот културен бран

На двата објавени повици на конкурсот имаше огромна заинтересираност и беа пристигнати 348 апликации, а за избраните проекти беа обезбедени средства во висина од 10 милиони и 600 илјади денари …

Осумдесет и два проекта со квалитетна, естетизирано профилирана и вредносно издржана содржина беа дел од Манифестацијата „Нов културен бран“ која со поддршка од Министерството за култура се реализираше во два конкурсни рока во текот на 2017 година.

На двата објавени повици на конкурсот имаше огромна заинтересираност и беа пристигнати 348 апликации, а за избраните проекти беа обезбедени средства во висина од 10 милиони и 600 илјади денари.

Манифестацијата „Нов културен бран“ се реализираше во периодот од крајот на јули до декември 2017 година и преку проектот се настојуваше да се реализира мотото на Министерството за култура, „култура до сите култураза сите“. Целта беше да се поттикне и да се активира независната културна сцена, да се истакне значењето на граѓанскиот сектор преку делувањето на невладините организации, здруженија и асоцијации од областа на културата, за кои се смета дека можат да внесат посвежи идеи и поиновативни пристапи во креирањето на културната понуда со проекти кои се во слух со времето.

Со Новиот културен бран беа охрабрени здруженија на граѓани, асоцијации, фондации и поединци од областа на културата да креаираат независни проекти или копродукции меѓу себе кои ќе бидат лесно преносливи во различни средини.

Со тоа беше исполнета и уште една цел на манифестацијата, а тоа е деметрополизација и конкретна децентрализација на културните содржини. Се реализираа инвентивни и иновативни проекти од сите дејности од областа на културата, проекти со разновидна жанровска содржина, современи културни и уметнички изрази и вредности, и тоа: камерни, хорски и солистички концерти, настапи на фолклорни ансамбли, пејачки групи, изворни оркестри, рок, џез, гаражни бендови, театарски претстави, интересни ликовни претставувања, книжевни настани.

Освен во установите од областа на културата, локациите на одржување на културните и уметничките содржинибеа и други јавни и алтернативни простори, дури и нефункционални, руинирани објекти или простори кои се„рестартираа“ како уметничка сцена. Најголем број од активностите беа дисперзирани на ниво на целатадржава, беа опфатени речиси сите градови (Битола, Кочани, Прилеп, Дебар, Штип, Демир Хисар, Струмица, Гевгелија, Крива Паланка, Берово, Делчево, Куманово, Неготино, Македонски Брод, Крушево, Свети Николе, Виница), а дел од програмата се реализираше и во помалите места, како: с. Бело – Кочани, с. Могила – Битола, с. Велуса – Струмица, с. Сермени – Гевгелија, с. Пештани – Охрид.

Конкурсот за манифестацијата „Нов културен бран“ беше објавен и промовиран интензивно, преку прес-конференции, соопштенија до јавноста и до медиумите и многу објавени содржини на социјалните мрежи, а за тоа не беше потрошен ниту еден денар од парите на граѓаните.

Проектите ги селектираше стручна комисија, составена од истакнати културни работници и познавачи на различни аспекти на организирање и осмислување културни настани, кои работеа целосно автономно.

Со дизајнот за конкурсот беа максимално олеснети процедурите за аплицирање, со што се овозможи пристап и за оние уметници и културни работници што не се многу вешти во пополнување на пријавите, но кои имаат креативен потенцијал и добри идеи. Низ трите информативни сесии (од кои една во живо – онлајн), на кои учествуваа над 80 потенцијални апликанти, како и преку интензивно и постојано одговарање на прашањата кои беа упатени индивидуално од десетици апликанти до тимот на Министерството за култура, се обидовме да им дадеме постојана поддршка и да им го олесниме процесот на аплицирање со соодветни и навремени објаснувања.