23/11/2024
Регион/Свет

Наградата „Сахаров“ за борец за правата на кинеското ујгурско малцинство

Илхам Тохти од Ујгур, кој се бори за правата на кинеското ујгурско малцинство, е добитник на наградата „Сахаров“ за 2019 година, којашто ја доделува Европскиот парламент за слобода на мислата.

Тохти е поборник за дијалог и застапник за спроведување на регионалните закони за автономија во Кина. Од 2014 година е осуден на доживотен затвор поради сепаратизам. 

„Со задоволство можам да ви соопштам дека Европскиот парламент го избра Илхам Тохти за победник на наградата ‘Сахаров’ 2019 за слобода на мислата. Тохти го посвети својот живот на застапување на правата на малцинството Ујгур во Кина. И покрај тоа што беше глас на умереност и помирување, тој беше осуден на доживотен затвор по шоу-судењето во 2014 година“, истакна претседателот на Европарламентот, Дејвид Сасоли.

Истовремено, првиот човек на европскиот законодавен дом упати апел до кинеската влада да го ослободи Тохти и да ги почитува правата на малцинствата во Кина.

Наградата „Сахаров“, во чест на советскиот физичар и политички дисидент Андреј Сахаров, традиционално се доделува од 1988 година на поединци и организации кои ги бранат човековите права и основни слободи. Таа се состои од сертификат и 50.000 евра, а годинава ќе биде доделена на 18 декември, за време на свечена церемонија во Европскиот парламент во Стразбур.