23/11/2024
Македонија

Наградени полициски службеници за остварени забележителни резултати во работењето

“Чест ми е што како министер за внатрешни работи ja имам можноста да ви оддадам признание за се она што е реализирано изминатиов период, а со особен квалитет и покажана иницијативност во работењето и вршењето на работни задачи во текот на минатата година, и сето тоа да се верификува на ваков начин со доделување решение за зголемен износ на плата.“ Ова меѓу другото, го истакна министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на денешното врачување на триесет решенија на исто толку вработени во различни организациони единици на МВР  кои што се еднократно наградени заради остварените забележителни резултати во работењето во текот на изминатата година.

Министерот Спасовски потенцираше дека овој успех и постигнатите резултати ќе претставува поттик не само за наградените туку и за нивните колеги, уште поагилно и попосветено да работат во подигнување на интегритетот на полицискиот службеник, и да се соочат со сите професионални предизвици со максимална посветеност и пожртвуваност.

Директорот на Бирото за јавна безбедност Сашо Тасевски изрази уверување дека сите вработени во МВР ќе продолжат со несмалено темпо на работа.

“ Како ваши претпоставени ние сме должни да внимаваме на секој ваш професионален чекор, но и да ги вреднуваме вашите успеси и заложби. Нема да толерираме никакво непочитување на професионалните стандарди или селективност во постапувањето, бидејќи законот мора да важи еднакво за сите“, истакна директорот на БЈБ, Тасевски.