22/11/2024
Македонија

Најава за можна појава на интензивни локални врнежи

Од УХМР добиена е и ХИДРОЛОШКА ИНФОРМАЦИЈА во која се наведува дека моменталната состојба на водостоите кај водотеците покажуваат подпросечни вредности за овој дел од годината, само Дојранското Езеро од природните езера бележи надпросечни вредности (6 cm до надминување на дозволениот максимум), пред се поради работа на системот Ѓавато.

При појава на нови врнежи се очекува подобрување на хидролошката состојба како на реките така и на вештачките и природните езера.

Врнежите кои се предвидуваат од синоптичарите се со вредности за повеќе од 24 часа, и очекувано е овие врнежи да предизвикаат постепено зголемување на водостоите на реките и езерата, и да не предизвикаат поголеми проблеми, но доколку паднат за краток период на одредени помали сливни површини можна е појава на локални излевања.

Според информацијата од прогностичките модели, на целата територија на нашата држава е можна појава на интензивни локални врнежи, па соодветно на тоа посочуваат на внимателно движење покрај водотеците и суводолиците, но сепак како поизразени региони би ги посочиле крајниот запад, југо-запад и северо-запад, каде покрај можни локални излевања на помалите водотеци, можна е појава на свлечишта и одрони, особено на патниот правец Маврово-Дебар-Струга. Покрај овој регион за особена внимателност од можна појава на локални излевања ќе ги посочиме и сливовите околу планината Кожуф и гевгелиско-валандовскиот крај.

При евентуална појава на интензивни врнежи во градските средини, очекувани се брзи истекувања по улиците и појава на локални плавења, а на одредени локации каде олуците се приклучени на обичната канализација можно е да дојде до поплавување на одредени подрумски простории поради преоптовреност на канализационите цевки. Доколку атмосферските одводни канали и шахти се засипани со нанос и смет, очекувана е појава на заезерување кај улиците и подвозниците.