Најавено 32 издание на Охридскиот пливачки маратон
Денес во Охрид се одржа прес-конференција по повод утрешниот 32 Охридски пливачки маратон.
„Од името на Пливачката федерација на Македонија, имам чест да го најавам 32 издание на Охридскиот пливачки маратон. За прв пат на оваа конференција имаме тројца претставници од ФИНА, тука е и според мене еден од најдобрите „топ 5“ класа пливачи во далечинско пливање во историјата – Петар Стојчев, 11-кратен победник на Охридскиот пливачки маратон. Оваа година имаме награден фонд од 15 илјади долари, со правила според ФИНА и ПФМ, силна конкуренција за која најдобро можат да кажат Томи Стефановски и Петар Стојчев, со перфектна техничка организација.“ – изјави Александар Маленко, претседател на Пливачката федерација на Македонија.
За должината на овогодинешниот маратон Маленко истакна дека промената доаѓа сама по себе, како Пливачка федерација ги следат сите правила и пропозиции на ФИНА, официјалните дисциплини на ниво на Светско, Европско и Олимпијада.
„Традицијата останува, патеката „Климе Савин“ останува, наградата за животно дело останува нормално, одлучивме дека без 25 километри, не можеме да разговараме за светска елита.“ – додаде Маленко.
Делегатите од ФИНА задоволни од досегашната организација на овој маратон.
„Задоволство ми е што сум овде, бев овде пред повеќе години како тренер, горд сум што сум претставник на ФИНА на овој настан, горд сум што сме овде на ова маса со моите колеги од ФИНА, со претседателот на ПФМ, Александар Маленко, со Петар Стојчев кој сите го знаат во светот на далечинското пливање на отворени води, со Томи Стефановски овој пат како потпретседател на ПФМ, претходно како пливач. Сите услови се перфектни за убава трка утре, го имаме победникот од минатата година, го имаме победникот од Санта Фе од оваа година, ги имаме најдобрите пливачи моментално. Изразувам голема благодарност и му честитам на новото раководство на ПФМ, за досегашната работа како нов тим, кој го организира овој настан, а тоа е многу важно, има нова динамика, разговарав и со пливашите кои се заадоволни со новата организација. Се надевам дека утре ќе имаме многу возбудлива трка“ – изјави Jean-Paul Narce делегат од FINA.
Потпретседателот на Пливачката федерација, Томи Стефановски, го најави настапот на светскиот пливачки врв на отворени води.
„Имаме 18 пливачи во машка и 11 во женска конкуренција, број кој не сме го имале одамна. Го имаме подиумот од минатата година, победникот Александер Студзински, како и вториот Евгениј Поп Ацев и третиот Гиљермо Бертола, во женска конкуренција победничката Позобон, туке се и унгарците кои се квалитетни пливачи. Се надевам на добро време и да победи најдобриот. Оваа манифестација не е само наша, оваа манифестација е на Охрид, на Македонија и со неа треба да се гордееме и претставуваме не само тука, туку и надвор во светот.“ – изјава Томи Стефановски.
Претседателот на ПФМ изрази загриженост поради незаинтересираноста на институциите за Пливачкиот маратон.
„Нити Општина Охрид, нити Градоначалник, нити Држава не застанаа како што е ред согласно Законите и Националната програма на една спортска федерација за најголемата спортска манифестација. Со ништо не застанаа, прв пат оваа година. За претходно нема да зборувам и не ме интересира, ме интересира она што значи денес, утре и понатака. Пливачката федерација со своето раководство и три-четири љубители на врвен спорт ја овозможи оваа успешна приказна од светски ранг да се реализира во Македонија.“ – заврши Маленко.
Охридскиот пливачки маратон ќе се одржи утре (25.08.2018) со почеток во 12:00 часот.
Имено, за прв пат оваа година ќе се пливаат 25 километри, а не 30 километри како што беше случај минатите години.
WebOhrid