Најчесто поставувани прашања и прашања доставени од иницијативата за бојкот на наставата
Реформата на образовниот систем е потребна и според мнозинството наставници и родители, дури и задоцнета. Со новите наставни програми, учениците се ставаат во центарот на образовниот систем. Министерството за образование и наука ги разбира дилемите што ги имаат родителите. Затоа со одговорите на најчесто поставуваните прашања и дилеми, ги појаснуваме клучните сегменти на промените коишто од есен ќе стартуваат во прво и четврто одделение.
ДИЛЕМИ и ОДГОВОРИ
Учениците ќе поминуваат премногу време на компјутери и таблети
Не е точно дека со реформата во основното образование или пак со дигитализацијата на учебниците ќе се постигне ваков ефект. Напротив, со реформата децата ќе поминуваат подолго и поквалитетно време на училиште каде ќе учат директно од наставниците, а помалку време ќе им биде потребно да учат подоцна самите. Дигитализацијата на учебниците, лесното пребарување по нив и користење на напредни мултимедијални содржини ќе овозможи побрзо и поефикасно да учат и се развиваат. Децата родени во дигиталната ера, според сите светски истражувања, поминуваат многу време со дигиталните уреди. Преку овој пристап, наставните содржини се прилагодуваат на современите формати, преку кои тие многу полесно и побрзо ќе може да ги совладуваат лекциите, но и да ги користат дигиталните алатки за стекнување на знаење и истражување. Ова апсолутно не значи дека со ваквиот пристап тие се принудени повеќе да бидат пред компјутер туку напротив, да поминуваат малку и поквалитетно време со уредите кои ќе ги користат за учење, а повеќе и подобро поминато време на училиште.
На клупите во училниците нема приклучок за струја за секое дете
На клупите нема потреба да има приклучок за струја, наставата воопшто не е замислена да се одвива на компјутери или таблети. Се дигитализираат учебниците, не целосно наставата. Во училница најважна е интеракцијата помеѓу наставникот и учениците, а наставата ќе се одвива на тој начин како и досега. ИТ технологијата ќе биде само дополнително помагало во ситуации кога наставните теми го наложуваат тоа.
Во ред е дигитализација, но мора паралелно да има и печатени книги, децата ќе изгубат контакт со книгите.
Оваа модернизација на образованието воопшто не значи укинување на книгите, децата ќе развијат однос со книгата во пониските одделенија, преку лектирите и на училиште. Дополнително, ќе може да научат и да го користат интернетот и дигиталните алатки за учење и истражување, не само за играње игри и социјални мрежи.
Реформата се воведува етапно. За учениците од прво до трето одделение и натаму ќе се обезбедуваат печатени учебници, бидејќи тоа е период во кој треба да се развие однос на детето кон книгата. За учениците од четврто и погорните одделенија, прва опција ќе бидат дигиталните учебници, имајќи предвид дека кај нив веќе се развиени вештините за примена на ИТ-технологија и на електронски алатки.
Лектирите секако остануваат во печатена форма, а секојдневно на училиште децата ќе учат и пишуваат од печатени наставни материјали и воопшто нема да изгубат контакт со книгите. Овој комбиниран пристап практично ќе им овозможи на децата да имаат достапни материјали во дигитален формат како и да ги користат секаде и во секое време.
Децата мора да вратат во клупите и со книгите
Апсолутно најдобар начин за учење е во училишните клупи и дигитализацијата воопшто нема за цел да го замени учењето на училиште со онлајн учење. Напротив, МОН се залага за што поскоро враќање на децата во училиште, штом епидемиолошката состојба тоа ќе го дозволи. Целосна манипулација е дека дигиталните учебници се воведуваат за намерно да се продолжи со онлајн наставата. Учениците ќе се вратат во клупите каде им е местото. Реформата е така структурирана токму да се спроведува во училиштата, со поголем фонд на часови, повеќе интересни воннаставни активности и поквалитетно поминато време на училиште.
Децата нема да памтат и потешко ќе учат од дигиталнитe книги
Децата пред сé ќе учат на училиште, во директна комуникација со наставниците, учебниците ќе ги користат за брзо пребарување, потсетување и достапност на материјалот во соодветен формат како презентации и други мултимедијални содржини. Покрај ова, учениците ќе продолжат да користат печатени материјали на часовите, да пишуваат и да учат од напишаното.
Законот е дискриминирачки – учениците од семејства во социјален ризик се доведуваат во нерамноправна положба, затоа што ќе немаат ИТ уреди на кои ќе бидат внесени дигиталните учебници.
За учениците кои се од социјално загрозени семејства и немаат уреди за учење од дигиталните учебници, како и за учениците кои поради попреченост имаат потреба од уреди или помошна технологија, училиштето е должно да обезбеди услови за секој ученик да има пристап до употреба на учебник.
Како поддршка на училиштата, заедно со Светска банка ќе реализираме активност за нивно опремување со таканаречен библиотечен фонд на таблет уреди кои ќе им се даваат на времено користење на учениците кои потекнуваат од социјално ранливи семејства, за да можат истите да ги користат дигиталните учебници.
Дополнително, сите учебници ќе бидат достапни и во аудио формат, но и печатени на Брајово писмо за учениците со оштетен вид.
Содржината на законот е целосно усогласена со стратешките документи и препораки донесени од страна на Европската комисија кои се однесуваат на образованието и дигитализацијата. Така што, земајќи ги предвид овие факти, станува збор за првиот недискриминирачки Закон за учебници и други наставни и дидактички материјали во Република Северна Македонија.
ИТ уредите се дефицитарни и нема да може да се набават за сите ученици
Ова е тема за која е разговарано на повеќе владини седници, а консултирани се и големи светски компании од областа на производство и дистрибуција на ИТ технологија, согласно чии ставови, предизвикот не е ненадминлив. Дополнително, олеснителна околност е етапното воведување на промените, така што од септември потреба од електронски уреди за користење на електронски учебници ќе имаат само учениците од 4то одделение, односно 20.000 ученици.
На 2-3 одделенија ќе треба барем по еден информатичар, техничко лице за поддршка. Наставниот кадар е далеку од способен да врши ваква поддршка.
Училиштата кои ќе обезбедат уреди согласно планот за обезбедување на ИТ уреди за одредени категории на деца и семејства кои не може да си дозволат пристап до опрема, ќе бидат должни исто така да обезбедат ИТ поддршка за истите. Најголем дел од учениците и децата веќе имаат уреди.
За потребите на дигитализацијата, треба да се набават лиценци за офис алатки, антивирусен софтвер и слично.
За дигитализација и пристап до дигитални учебници не се потребни дополнителни софтверски лиценци, тие ќе бидат бесплатни за сите.
Компјутер без пристап до интернет не може да се користи за едукативни цели
За користење на електронски учебници не е потребен интернет. Учебникот се симнува на уредот само еднаш и останува додека корисникот не го отстрани. Мултимедијалните содржини кои ќе бидат составен дел од дигиталните учебници ќе бидат достапни и кога уредот не е поврзан на интернет. Интернет ќе биде потребен кога темата од одреден предмет наложува истражување, разгледување на друга мултимедијална содржина и слично и уверени сме дека сите ќе добијат можност да го користат интернетот за такви прилики, или на часот или во домот.
Барања на групата „Учебници и настава мора да има“
Барање на група: Да не се спојуваат два или повеќе предмети во еден
Одговор:
Сосема погрешно е да се зборува за „спојување“ на наставни предмети без при тоа да се знае современиот пристап во педагогијата, воопшто во стратегиите, методите на работа во наставата, во училиштата.
Ниту се „спојуваат“ механички предмети ниту се прави некаква компилација или неприроден спој што е несоодветен за изучување, туку напротив, се прави интегрирање на сродни предмети, од иста или сродна научна област за да се овозможи полесно, посуштинско изучување на појавите и поврзување, добивање на целосна претстава кај учениците за она што го изучуваат. Интеграцијата и до сега беше составен дел на наставата во првиот и вториот период на основното образование, сега само продолжува и во третиот период на основното образование. Но и до сега во предметна настава им беше сугерирано на наставниците да прават меѓупредметно поврзување и така да ја планираат и реализираат наставата.
За да се потврди дека интеграцијата е основата на секој образовен систем доволно е да се погледнат искуствата од сите земји и во Европа и во Светот. Меѓународните тестирања се базираат на прашања, поточно проблемските задачи кои бараат одговори од повеќе аспекти и поврзување на знаењата од една или повеќе области, поврзување на знаењата од различни предмети во обид да се „соберат“, односно синтетизираат различни перспективи за предметот/појавата на изучување. На тој начин се овозможува учениците полесно да ги поврзат наставните содржини со реалноста, да ја согледаат смислата на она што го учат и да ги доживуваат наставните активности како релевантни и применливи.
За да го постигнат таквото знаење училиштето мора да на учениците да им нуди современа, интегрирана настава, смислена поврзаност меѓу предметите.
Барање на група: Да се образложи и аргументира кратењето на фондот на часови по одредени предмети и влијанието во наставниот процес за истите тие предмети
Одговор:
Доколку се поврзе „суштината“ на Концепцијата, принципите, стратегиите и методите на настава и учење со понудениот наставен план тогаш јасно е дека нема кратење на фондот на часови, ниту пак тоа е на штета на учениците. До сега се говореше дека учениците се преоптоварени, дека имаат преголем број на наставни предмети, а сега, при првиот обид на суштинска промена во интерес на учениците, да бидат растоварени од „непотребни знаења“, фактографски знаења, се поставува прашање зошто е тоа направено.
Во првиот период на основното образование, согласно возраста на учениците, наставните програми се така развиени што овозможуваат преку метод на игра, истражување и учење преку искуство, се разбира преку интеграција на целите, содржините од различните наставни предмети, учениците да ги постигнат предвидените резултати од учење.
Со интегрирањето на наставните предмети во повисоките одделенија не е намален вкупниот број на часови од научните области кои и до сега се изучуваа преку различни наставни предмети. Бројот на часовите, поврзувањето и распоредот на модулите ќе даде јасна претстава за застапеноста на секоја научна дисциплина кога ќе бидат развиени наставните програми. Донесени се наставните програми за прво и четврто одделение од кои јасно може да се види новиот квалитет.
Барање на група: Да се создадат соодветни услови за инклузија на децата со попреченост
Одговор:
Исто како и родовата еднаквост, така и инклузијата е основен принцип на новата концепција. Инклузијата, за разлика од претходно, кога не беше законски регулирана и беше оставена на „добрата волја“ на директорите и наставниците во училиштата, дали ќе прифатат одреден ученик или не, сега со новиот закон за основно образование, како и со Концепцијата, како никогаш до сега, не само што се регулира, туку и се предвидуваат и планираат сите чекори за нејзино имплемeнтирање во интерес на учениците со попреченост и сите останати ученици со посебни образовни потреби.
Тоа значи дека се донесени и сите подзаконски акти, овозможена е помош од образовни и лични асистенти за овие ученици, се овозможuва развивање на индивидуален образовен план за секој ученик со посебни потреби, модифицирани програми, како и создaвање физички услови во училиштата за овие ученици.
Она што сакаме да го истакнаме е дека за прв пат системски се воведува услугата образовна асистенција која е предуслов за обезбедување на инклузивно образование. Со тоа образовната асистенција ќе се испорачува согласно Законот за основно образование, ќе се финансира од Буџетот на РСМ, односно преку Буџетот на МОН за 2021 година, за што се обезбедени финансиски средства во висина од 59 милиониденари.
Во соработка со Канцеларијата на УНИЦЕФ во втората половина на месец мај започнуваме со обука на кадарот во посебните училишта, односно тренинг за тренери за образовни асистенти, кои понатаму треба да ја спроведат обуката на образовните асистенти кои ќе бидат селектирани, а ќе се одржат и обуки за наставниците во чии паралелки ќе бидат вклучени овиеученици.
Согласно новиот Закон за основно образование, специјалните училишта, односно училиштата во кои се воспитуваат и образуваат ученици со попреченост да добијат и дополнителна дејност, да станат Ресурсни центри со што ќе се овозможи мобилност на веќе постоечкиот искусен кадар кој ќе дава поддршка на инклузираните ученици како и на инклузивните тимови во редовните училишта.
Од оваа година исто така, обезбедувањето на пристапноста е задолжителен услов кој треба да се исполни за добивање на финансиски средства за адаптација, реновирање или изградба на училиште со средства од МОН.
Дополнително на ова во насока на унапредување на процесот на инклузија, во тек е реализација на Проект за непречен пристап во 14 образовни институции низ државата – 6 основниучилишта, 4 средни и 4 факултети преку Акциската програма на 2019-ИПА 2 – EU for inclusion за кој е подготвена техничкатадокументација (проекти за адаптација) и очекуваме градежните активности да започнат во јуни/јули 2021.
Во рамки на ИПА проектот „Биди ИН, бидиИНклузивен, бидиИНклудиран“, доделени се и 320 стипендии за деца со попреченост коишто се вклучени во редовното образование и тоа за прво и второодделение, а во тек е новиот оглас за доделување на дополнителни 150 стипендии за наредната учебна година.
Барање на група: Да се исклучи сеопфатно родово сензитивно образование во основното образование
Одговор:
Образованието има клучна улога во создавањето можности за трансформација на штетните родови норми и обрасци на однесување. На тој начин придонесува за намалување на распространетите родови стереотипи и на нив заснованата родова нееднаквост, дискриминација и насилство, а истовремено, им овозможува на децата раст и развој во согласност со нивните интереси.
За да овозможи родова рамноправност, образованието поттикнува вклучување на родовата перспектива во обуката на наставниците, реализира настава низ содржини во кои нема експлицитни родови стереотипи, користи пристап кој е родово сензитивен и повикува на критички однос кон родовата нееднаквост. Наставните содржини се избрани така што водат грижа и на девојчињата и на момчињата да им понудат позитивни модели за идентификација кои не се ограничени од традиционалните родови улоги.
Содржините кои ја промовираат родовата рамноправност сугерираат дека полот/родот не смее да биде основа за различно вреднување и моќ, истовремено придонесувајќи кон тоа да се разберат негативните последици од крутото придржување кон родовите норми, очекувања и улоги. Ваквите содржини се застапени во наставните програми на сите предмети каде што тоа е можно, а во учебниците и наставните материјали за овие предмети, овие пораки, освен што се пренесуваат преку самите текстови, се поддржуваат и преку визуелниот материјал и преку различните вежби наменети за критичко преобмислување на поимите.
Од исклучително значење за обезбедување родово сензитивно образование е тоа што меѓу понудените изборни предмети има такви кои барем делумно се посветени на стекнување сознанија за тоа дека родовите норми и улоги не се фиксни, како и тоа дека родовите стереотипи можат да доведат до сериозни индивидуални и општествени последици меѓу кои најпроблематична е високата застапеност на родово заснованото насилство. Се очекува ваквите предмети, преку посочените содржини, да овозможат градење на негативен став кон сите видови родова дискриминација.
Важна компонента во промовирањето на родовата рамноправност преку образованието е стимулирање на учеството на учениците во наставните и воннаставните активности независно од полот/родот, односно стереотипните очекувања поврзани со полот/родот.
Професионалната ориентација и советување во училиштето, исто така, може да придонесе за надминување на традиционалното гледање на професиите како „машки“ и „женски“ и да ги охрабри девојчињата и момчињата при изборот на професијата да се раководат од своите желби, способности и интереси.
Барање на група: Етика на религиите да остане изборен предмет
Одговор:
Во ниту еден момент не се зборува за „укинување„ или „додавање“ конкретни наставни предмети во делот на изборните предмети. Напротив, се отвара можност за креирање листи на изборни предмети според интересот на учениците, како и според креативноста на наставниците, да создадат и понудат интересни наставни предмети за учениците. Единствено што се менува е присилното и тенденциозно наметнување на одредени наставни предмети на учениците само за да се пополни фондот на часови на определен наставник или поедноставно, без многу напор училиштето да организира настава, макар таа и да не е интересна и корисна за учениците.
Барање на група: Да се креираат протоколи за одржување настава со физичко присуство во услови на пандемија
Одговор:
МОН како надлежна институција се залага за настава со физичко присуство на учениците, за таа цел веќе ги има подготвено сите Протоколи кои ја регулираат наставата со физичко присуство, но сепак оваа одлука зависи и од епидемиолошката состојба во државата, препораките на здравствените власти и степенот на имунизација и создавањето на колективниот имунитет на населението. Наставниците и воспитниот кадар се една од приоритетните групи во започнатиот процес на масовна имунизација.