23/11/2024
Охрид

Народен театар Охрид во сабота ќе гостува во Скопје на фестивалот „Гола Месечина“

Национална установа Центар за култура “Григор Прличев” – Охрид / Народен театар Охрид гостуваат во Скопје на фестивалот “Гола Месечина” кој е во организација на Театар Комедија од Скопје, во САБОТА, 7-ми септември со почеток од 20.00 часот, со преставата „Каде е пиштолот?“ од унгарски автор Габор Ѓоргеј во режија на Дејана Николовска.

Играат: Горан Стојаноски, Никола Тодороски, Адријана Билаловиќ Тодороска, Ивица Цонев, Стрезо Стаматовски

Сценограф, костимограф и дизајн на светло: Милена Пантелеевa

„Каде е пиштолот?“ е модерен сатиричен текст со силна егзистенцијалистичка позадина, создаден во седумдесеттите години од минатиот век. Во својата срж текстот се занимава со човековата дуална природа, играјќи помеѓу позициите на опресор и потчинет низ петте ликови кои го носат дејствието.

Зборот „пиштол“ предложен уште во насловот не е ништо друго туку театарски знак, систем на апстракции, симбол на моќта на насилство – кого ликовите го користат за да ги тероризираат останатите. Местото на дејство е затворен простор , во кој гледаме четири луѓе што седат и петтиот како вперува пиштол во нив. Четири од нив секогаш сакаат да излезат надвор од собата, а петтиот секогаш ќе се чувствува добро внатре. Тоа е оној кој е со пиштолот. Изворот на сите проблеми е токму тој – пиштолот. Пиштолот би можел да има и понаква намена, но не во овој случај. Tажно e, но овде не е можно да живеете без пиштол!