22/11/2024
Македонија

Наставата ќе се организира онлајн со неколку исклучоци

Владата на Република Северна Македонија на денешната 81-ва седница ги прифати препораките на Комисијата за заразни болести за организирање на наставата во основните и средните училишта согласно кои образовната програма за 2020/2021 година треба да се одвива онлајн со следните исклучоци:

1) Учениците од прво до трето одделение да посетуваат настава со физичко присуство во училница, согласно капацитетите на училиштата за спроведување на планот и протоколите на Министерството за образование и наука и со одобрување од родителите.

За учениците кои имаат хронични болести, наставата да се одвива преку далечина (он-лајн).

2) Настава со физичко присуство во училница може да се реализира во училиштата со обезбедени санитарно – хигиенски услови за одржување на општа и лична хигиена наведени во Протоколите, согласно епидемиолошката состојба во подрачјето/општината, но само доколку основачот на училиштето поднесе барање до Министерството за образование и наука со образложение за исполнетоста на критериумите и условите согласно протоколите и исклучиво по добиена согласност од страна на Владата на Република Северна Македонија, по претходно добиено позитивно мислење од Министерството за образование и наука и Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство.

3) Во училиштата кои имаат паралелки во кои се одвива дуално образование, практичниот дел од наставата, во компаниите, да се одвива со физичко присуство на работно место, со почитување на општите протоколи за заштита и на протоколите на компаниите каде се изведува практичната настава.

Владата денеска донесе заклучок да се разгледа можноста да се обезбеди финансиска поддршка за работодавачите, преку Фондот за здравствено осигурување на Република Северна Македонија или преку нов пакет на економски мерки, за родителите на деца кои се запишани во училиште и се до 10-годишна возраст, а во моментот се ослободени од работа и работни активности преку користење на мерките донесени од страна на Владата, имајќи предвид дека истите ќе продолжат да бидат ослободени од работа и работни обврски доколку нивните деца следат настава со физичко присуство, или пак, настава преку далечина (он-лајн).

Дополнително, Владата ги задолжи Министерството за труд и социјална политика, Министерството за образование и наука и Министерството за информатичко општество и администрација, да ги разгледаат можностите да се предвиди и извршување на работа со скратено работно време или работа во смена за оваа категорија на лица кои во овој момент се ослободени од извршување на работа и работни активности со физичко присуство на работното место.

Имајќи ги предвид горенаведените заклучоци, Владата го задолжи Министерството за образование и наука, во соработка со Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство да подготви и за наредната седница на Владата на Република Северна Македонија, што ќе се одржи во текот на оваа недела, да достави финални, усогласени планови и протоколи за одржување на наставата во основните и средните училишта во учебната 2020/2021 година (начин на организирање на наставата, електронска платформа за учење на далечина, носење на лична заштита, број на ученици во училница, број на одделенија/класови и слично, согласно трите модели за одржување на настава).

На денешната седница Владата го прифати новиот протокол за изолација согласно препораките на Светската здравствена организација, Европскиот центар за контрола на болести и МАНУ за промена на стратегијата за тестирање и ослободување од изолација за лицата со позитивен ПЦР тест, врз основа на следењето на здравствената  состојба од матичниот лекар.

Согласно новата стратегија за асимптоматските лица ослободувањето од изолација е 10 дена од денот на тестирањето, за лицата со симптоми ослободувањето од изолација е 20 дена од тестирањето, додека за блиските контакти изолацијата ќе трае 14 дена од денот на последниот контакт со потврдениот случај.

Владата денеска ја разгледа и усвои Информацијата за исплата на пензии за август 2020 година, и го задолжи Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Северна Македонија да ги достави податоците за пензиите до деловните банки најдоцна до вторник, 25.08.2020 година, а им препорача на деловните банки од среда, 26.08.2020 година да обезбедат пензионерите со августовските пензии да може да располагаат преку мрежата на банкомати и во трговската мрежа.

Во заклучоците во врска со исплатата на пензиите за август 2020 година, им се препорачува на деловните банки преку филијалите и експозитурите на банките да обезбедат готовинска исплата на пензии за клиентите кои не користат картички, во четири групи според следниот распоред составен според висината на пензијата:

  • Во среда, на 26.08.2020 година исплата на пензии со висина до 11.000 денари;
  • Во четврток, на 27.08.2020 година исплата на пензии во висина од 11.001 денари до 14.000 денари;
  • Во понеделник, на 31.08.2020 година исплата на пензии во висина од 14.001 денари до 18.000 денари;
  • Во вторник, на 01.09.2020 година исплата на пензии во висина над 18.000 денари.

Владата го задолжува Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Северна Македонија, и им препорача на деловните банки да обезбедат други дополнителни редовни  исплати за корисниците на пензии кои се префрлени од Еуростандард Банка АД Скопје во другите деловни банки, со цел истите да може да располагаат со августовските пензии на 07.09.2020, 14.09.2020 и 25.09.2020 година, за оние корисници на пензиите кои досега ги користеа услугите на Еуростандард Банка АД и кои до 25 август нема да успеат да отворат трансакциони сметки во другите банки.

Владата на оваа своја седница ги прифати заклучоците на Министерство за труд и социјална политика редовната исплата на паричните права од социјална заштита, заштита на децата и згрижувачките семејства за август 2020 година да се врши во 3 групи (во деновите 2-ри, 3-ти и 4-ти септември), a дополнителнa исплата  ќе се врши на 11, 18 и 25 септември 2020 година, при што податоците за корисниците од Банките до Министерството за труд и социјална политика ќе бидат доставени на 7, 14 и 21 септември 2020 година.

Владата го прифати и заклучокот според кој Македонска банкарска асоцијација во соработка со деловните банки да изготви за лицата кои не се во можност физички да пристапат до банката,  урнек на полномошно за отварање на трансакциска сметка и/или за поврзување на истата со социјалниот број и  за користење на средства од парични права од социјална и детска заштита, кое Народната банка на РСМ и Министерството за финансии треба да потврдат дали е  усогласено со релевантната законска и подзаконска регулатива.

Согласно заклучоците, Македонската Банкарска Асоцијација да достави информација за деловните банки кои имаат склучено договор со Македонска Пошта, дали овие договори се применливи за исплата на паричните права од социјална заштита, заштита на децата и згрижувачките семејства, како и да информираат кои банки планираат да склучат договор со Македонска пошта за вршење исплата на овие корисници,  преку пошта со достава на средствата до нивниот дом.

На оваа своја седница Владата ја разгледа и ја усвои Информацијата за преземените активности во Централен регистар на Република Северна Македонија за промовирање на можноста физичките лица електронски да вршат регистрација на фирма преку системот за е-регистрација со користење на дигитален сертификат и степен на искористеноста на оваа можност, и му препорача на на Централниот регистар на Република Северна Македонија да продолжи со активностите за промовирање на можноста физичките лица електронски да вршат регистрација преку системот за е – регистрација, а за овие активности да го извести Министерството за финансии до крајот на декември 2020 година.

На денешната седница Владата ја усвои и Информацијата за работењето на Владиниот центар за информации за економските и други поврзани мерки донесени за справување  со негативните економски и социјални последици од КОВИД–19 со известување за поплаките од граѓаните и анализа на проблемите и отворените прашања.

Следствено, Владата ги задолжи надлежните институции, Генералниот секретаријат на Владата, Министерството за труд и социјална политика, Министерството за финансии, Управата за јавни приходи, Агенцијата за вработување, Министерството за образование и наука и Фондот за здравствено осигурување, со цел да се утврдат решенија за остварување на правото за домашна платежна картичка од страна на секој граѓанин што ги исполнува условите, при донесување на одлуки и креирање на четвртиот пакет на економски мерки и да ги земат предвид поплаките на граѓаните и отворените прашања поврзани со имплементација на мерката за домашни платежни картички, содржани во Информацијата.

Исто така, Владата ги задолжи надлежните институции, Министерството за економија, Генералниот секретаријат на Владата, Управата за јавни приходи и Министерството за финансии да утврдат решенија за остварување на правото на ваучер за туризам од страна на секој граѓанин што ги исполнува условите, при донесување на одлуки и креирање на четвртиот пакет економски мерки да ги земе предвид поплаките на граѓаните и отворените прашања поврзани со имплементација на мерката ваучери за домашен туризам исто така содржани во Информацијата.

Владата на Република Северна Македонија ја разгледа и ја усвои Информација за превземени соодветни активности за надминување на дадени ситуации, предизвикани од КОВИД-19 и непречена делумна реализација на Акциониот план за периодот 1 јануари – 31 декември 2020 година за поднесување барања и издавање на изготвени пасоши преку дипломатско конзуларните претставништва на Република Северна Македонија во Берлин (вклучително и Конзуларното одделение во Бон), Минхен, Стокхолм, Копенхаген, Хаг, Брисел, Лондон, Париз, Берн, Рим, Венеција, Виена и Љубљана.

Согласно информацијата, Владата го задолжи Министерството за внатрешни работи да ги активира сите изготвени и неиздадени пасоши кои се наоѓаат во Министерството за надворечни работи, како и да ги изготви и активира патните исправи на сите поднесени барања за пасоши, реализирани од страна на мобилните екипи во дипломатско конзуларните претставништва на Република Северна Македонија во странство, до моментот на настапување на вонредната состојба предизвикана од КОВИД–19, и да ги достави до Министерството за надворешни работи.

Владата го задолжи Министерството за надворешни работи, доставените изготвени и активирани патни исправи, по дипломатски пат, да ги проследи во дипломатско-конзуларните претставништва на Република Северна Македонија во странство, а службените лице во дипломатско конзуларните претставништва на Република Северна Македонија во Берлин (вклучително и Конзуларното одделение во Бон), Минхен, Стокхолм, Копенхаген, Хаг, Брисел, Лондон, Париз, Берн, Рим, Венеција, Виена и Љубљана, врз основа на приложен документ со слика за лична идентификација, да ги издадат изготвените и активирани пасоши на подносителите на барањето за патна исправа.