НБРМ објави нова едукативна публикација за најмладите
Деновиве, Народната банка на Република Македонија ја објави едукативната публикација „Стрипотека со Денарко“ наменета за најмладата популација во земјава, пред сè за децата од основните училишта. Оваа публикација е уште еден од проектите со кои централната банка се обидува да придонесе за соодветно квалитетно финансиско образование на новите генерации, коешто ќе овозможи зголемување на финансиската писменост на населението во Република Македонија и во иднина.
„Стрипотека со Денарко“ претставува збирка од петнаесет едукативни стрипови, чијшто концепт овозможува интерактивно читање преку кое учениците, особено оние од повисоките одделенија во основните училишта, можат да ги стекнат основните знаења од темите коишто се важни за отпочнување на процесот на доживотно финансиско едуцирање. Стриповите и претходно беа објавувани во детските списанија коишто учениците ги добиваат во основните училишта во земјава, што е резултат на залагањата на НБРМ да обезбеди што поголема литература за финансиско едуцирање на најмладите. Со намера овие стрипови да се користат за финансиско подучување и на следните генерации, преку овој проект НБРМ овозможи овие едукативни материјали да се приспособат и да се систематизираат во една целина, како одделна публикација, надополнети со нови информации коишто досега не беа опфатени во објавите во списанијата за деца. Сега, овие едукативни стрипови стануваат подостапни за наставниците и за родителите, а најмладите добиваат едно сеопфатно едукативно четиво.
Со цел оваа публикација да ја оствари својата намена, се настојуваше таа да се подготви на начин кој е соодветен за да се задржи вниманието и да се пренесат знаењата кај најмладата популација. Се очекува дека во натамошниот период „Стрипотека со Денарко“, како четиво коешто се вбројува меѓу малкуте публикации коишто целосно се фокусирани на финансиското подучување на најмладите, ќе наиде на интерес не само кај учениците во основните училишта, туку и кај наставниците и родителите.
Народната банка на Република Македонија и натаму ќе извршува активности коишто придонесуваат за подигнување на нивото на финансиска писменост на населението, посветувајќи ѝ одделно внимание и на младата популација.