23/11/2024
Македонија

Не молчи, не дозволувај да бидеш жртва – искрено сведоштво на жртва на семејно насилство

Семејното насилство е реалност за голем број жени кои секојдневно се соочуваат со хорор во сопствените домови. Зад затворени врати трпат навреди, омаловажувања, вербални и физички напади, неодобрени сексуални односи, забрана за пристап до пари. Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ ги охрабрува жртвите да не молчат и да го пријават семејното насилство. Тие од 2002 година до денес имаат обезбедено бесплатна правна помош и психолошка поддршка на повеќе од 4.000 жени кои се соочиле со насилство во својот дом.

„Жртвите на семејно насилство многу често не се свесни дека им е потребна правна помош за да излезат од магичниот круг во кој се заробени. Центарот за правна помош на Здружението ЕСЕ во 2020 година даде правна поддршка во вкупно 242 различни видови случаи поврзани со семејно насилство. Пред сè станува збор за предмети за развод на брак, издршка, старателство, имотни односи, социјална заштита и кривични постапки“, вели Стојан Мишев од Здружението ЕСЕ.

За искуството со Здружението ЕСЕ сведочи млада жена, која била жртва на семејно насилство.

„Подолго време трпев психичко и економско насилство. Минатата година тоа ексалираше и со физичко насилство кое се случи за време на карантинот. Таткото на мојот поранешен сопруг ме удри во пределот на слепоочницата, по што јас паднав долу на подот и бев во неколкуминутно бесознание. Ме крена тогашниот сопруг и ме зароби на креветот во спалната соба. Ме држеше приклештена околу половина час.“

Таа одлучила да не молчи за насилството што го доживеала и се обратила во Здружението ЕСЕ.

„Првично ме советуваа дека треба да се обратам во Центарот за социјална работа, дека треба да се погрижам за моето и за здравственото осигурување на моите две деца. Беа тука во секое време за мене за да ми дадат правна помош, психолошко советување и што и да е друго потребно. Беа достапни 24/7 за мене. Ми помогнаа во четири правни постапки. Благодарение на оваа поддршка се чувствував посигурна, чувствував дека не сум сама, се чувствувате згрижена, чувствувате дека сè е возможно. И покрај тоа што ви се случило дека има излез и има решение за сè.“

Жртвите на семејно насилство може да побараат бесплатна правна помош на телефонскиот број 02 3117 866 и онлајн преку платформата https://pobarajsovet.mk/.

Видео сведоштвото на младата жена која одлучи да не молчи за семејното насилство:

https://youtu.be/kmoRBs22YDQ